Ivana Ramadanova
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција побара од претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот за формирање нова влада, јавува Anadolu Agency (AA).
„Груевски го нема потребното мнозинство за да формира влада. Македонија нема време за губење. Очекувам Иванов да ми го додели мандатот. Сите поинакви опции ќе значат кршење на уставот и злоупотреба на функцијата“, изјави Заев.
Заев додаде дека владата што би ја составил СДСМ ќе гарантира еднакви права пред законот и институциите за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или политичка припадност, а ќе ги спроведе и реформите предвидени со договорот од Пржино и итните реформски приоритети констатирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија.
На прашањето дали ќе го изнесе ставот на СДСМ во врска со платформата на партиите на Албанците, Заев изјави дека тие како партија имаат јасен став којшто ќе го соопштат по добивањето на мандатот за состав на владата.
„Впрочем, тоа можете да го насетите, ние се залагавме за едно општество за сите. Нашиот став е граѓанинот во центарот на вниманието на идната влада. Од тука, целосно сме позитивни околу овие аспекти и ако час поскоро го добиеме мандатот, ќе ги отвориме транспарентно за сите граѓани“, рече Заев.
Во меѓувреме, од кабинетот на претседателот Иванов велат дека по добивањето официјално известување од страна на Собранието на Република Македонија, дали мандаторот има поднесено програма и предлог за состав на нова влада, претседателот ќе почне консултации со надлежните институции и со политичките партии.
Паралено со сите случувања, дописникот на МИА од Брисел вели дека Европската Унија очекува дека Иванов ќе изврши итна консултација и ќе определи лидер за формирање на колку што е можно поширока влада.
„Ние забележавме дека сѐ уште не е постигнат договор за формирање нова влада и затоа ги повикуваме сите политички актери во земјата, вклучително и претседателот, да делуваат на смирен и конструктивен начин, со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција“, истакна портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ.
Крајниот рок за формирање на новата влада истече на полноќ, на 9 јануари оваа година претседателот Ѓорге Иванов го додели мандатот за формирање на нова влада на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што на предвремените парламентарни избори освои најмногу гласови.