Diyar Güldoğan
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
АНКАРА (АА) - По терористичкиот напад на амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов, мерките за безбедност во турските дипломатски мисии во Руската Федерација се заострени, соопшти Министерството за внатрешни работи на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Полицијата ги зајакна безбедносните мерки во дипломатските мисии на Турција во Руската Федерација“, изјави портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, Ирина Волк, пренесува новинската агенција ТАСС.
Волк истакна дека амбасадата на Турција во Москва и конзулатите во останатите градови во Русија се под 24-часовна заштита.
Новоименуваниот амбасадор на Турција во Русија, Хусеин Дириоз, на Твитер објави дека длабоко жали за загубениот живот во ужасниот напад.
„Силно го осудувам овој провокативен напад“, напиша Дириоз и додаде дека рускиот амбасадор Андреј Карлов бил прекрасна личност и дека помагал за унапредување на пријателските односи меѓу Турција и Русија.
Претседателот на Русија, Владимир Путин синоќа истакна дека нападот на амбасадорот на Русија во Анкара е провокација насочена кон добрите односи на Турција и Русија.
„Нападот на амбасадорот на Русија е провокација насочена кон добрите односи на Турција и Русија, кои нашите земји ги унапредија во врска со Сирија“, изјави Путин.
Тој истакна дека одговор на нападот на рускиот амбасадор е јакнење на борбата против тероризмот и додаде дека сака да дознае кој „управувал“ со напаѓачот.
Рускиот амбасадор во Турција синоќа им подлегна на повредите од нападот на отворањето на изложбата во Анкара, во кој се здоби со повеќе прострелни рани. Тој имаше обраќање пред присутните кога на него отвори оган напаѓачот, кој подоцна е убиен.