Bekim Laci
23 Септември 2018•Ажурирај: 23 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, истакна дека нема да излезе на гласање на референдумот на 30 септември, бидејќи, како што рече, двапати ја добил довербата на граѓаните за да не дозволи промена на Уставот, со цел промена на уставното име, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, Иванов во својот говор пред присутните на настанот организиран од страна на Обединетата македонска дијаспора во Детроит, САД, нагласи дека изминативе недели во Република Македонија речиси секојдневно доаѓаат високи странски претставници да ги убедуваат македонските граѓани да излезат на референдумот и да ја прифатат грчката Спогодба.
Тој рече дека, притоа, се заборава дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.
Според него, и да се прифати штетниот грчки Договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам.
Иванов истакна дека речиси секој од тие странски претставници со кои се сретнал му го поставувале прашањето кој е неговиот став во однос на референдумот за Спогодбата, и дека тој им одговорил:
„Двапати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот, со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам.“