Ekipa
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денеска беше погребан повеќекратниот турски, европски, светски и олимписки шампион во кревање тегови Наим Сулејманоглу, кој почина вчера во 50. година од животот, јавува Anadolu Agency (AA).
На погребот присуствуваа голем број државни претставници меѓу кои и турскиот премиер Бинали Јилдирим, но и многу имиња од турскиот спортски свет.
Премиерот Јилдирим потсети на успесите на Сулејманоглу и го нарече легендарен спортист кој својот народ неколкупати го направи горд.
Претседателот на турската Федерација за кревање тегови, Тамер Ташпинар, пред последното испраќање на спортистот на векот рече дека Сулејманоглу, познат под прекарот „џебен Херкулес“, за време на животот нанижал бројни успеси.
„Тој постигна многу за 50 години. Три олимписки медали, седумкратен светски шампион, шестпати европски шампион, 46 пати собори рекорд. Не верувам дека ќе бидат соборени толку рекорди после ова. Тој дигаше тежина трипати поголема од сопствената, беше на насловната страница на „Time“, потсети Ташпинар.
Тој додаде дека прекарот на Сулејманоглу „џебен Херкул“ навистина му одговарал.
Претседателот на Гимнастичката федерација на Турција, Суат Челен, истакна дека станува збор за голем спортист.
„Изгубивме легендарен спортист. На сите им беше пример. Ние сме многу потресени“, рече Челен.
На Сулејманоглу неодамна му беше трансплантирана јетра, а по престојот на Одделот за интензивна нега во болница во Истанбул почина на 18 ноември. Еден е од ретките кревачи на тегови во историјата (еден од вкупно четворица) кој на официјален натпревар успеа да подигне тежина трипати поголема од сопствената. Прогласен е за најуспешен турски спортист на сите времиња и еден од најуспешните кревачи на тегови во светот. Спортските авторитети го прогласија за спортист на векот.