Mahmut Geldi
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Високиот судски совет на Ирак соопшти дека е започната истрага против официјалните лица на Регионалната курдска управа во северен Ирак, кои, како што се наведува, се организиратори на неуставниот референдум за независност, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Високиот судски совет на Ирак, Абдусетар Бајрактар, во соопштението наведува дека е покрената правна постапка против лицата кои го организираа референдумот на подрачјето на Регионалната курдска управа во северен Ирак.
„Обвинителството побара покренување на правна постапка против лицата организатори на референдумот во Регионалната курдска управа во северен Ирак, со што делуваа во спротивност со одлуката на Врховниот суд“, се наведува во соопштението.
На 18 септември, ирачкиот Врховен суд нареди одложување на референдумот за независност, закажан за 25 септември.
Обвинителството од Советот на министри на Ирак и другите релевантни институции побара да ги достават имињата на лицата кои делувале спротивно на одлуката на Врховниот суд и на Уставот, со цел против нив да биде покрената правна постапка.
И покрај споменатата одлука на Врховниот суд, Регионалната курдска управа во северен Ирак во понеделникот одржа нелегитимен референдум за независност.
Највисоките ирачки институции го забранија одржувањето на нелегитимниот референдум, а силно се спротивставија и Турција, Иран, САД и остатокот од меѓународната заедница, со исклучок на Израел.