Onur Usta
13 Март 2016•Ажурирај: 15 Март 2016
ПАРИЗ (АА) - Американскиот државен секретар Џон Кери, ги повика сите спротивставени страни во Сирија да се придржуваат на договорениот прекин на огнот, а сириската власт и нејзините сојузници ги предупреди дека се лажат ако мислат дека со неодговорното однесување ќе можат да ги тестираат границите на прекинот на огнот, за да извлечат максимална корист на теренот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во седиштето на француското министерство за надворешни работи во Париз денес се состанаа шефовите на дипломатиите на Франција, САД, Италија, Германија и комесарката на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
На состанокот е разговарано за ситуацијата во Сирија, Либија, Јемен и Украина, како и за борбата против терористичката организација ДАЕШ.
По состанокот се одржа и заедничка прес-конференција на која Кери го предупреди режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад да не се обидува да го загрози процесот на мировни преговори во Женева, туку да покаже одговорност во почитувањето на договорот.
„Сите страни мора да го почитуваат прекинот на огнот, мора да соработуваат на отворањето на коридорот за достава на хуманитарната помош и мора предано да учествуваат во процесот на мировни преговори. Сирискиот режим и неговите сојузници се лажат доколку мислат дека може да ги тестираат границите на прекинот на огнот и да расправаат за претходно преземните обврски”, порача Кери.
Потсетувајќи на неодамнешната изјава на сирискиот министер за надворешни работи Велид Муалим, кој изјави дека сириската влада нема да разговара со оној кој сака да расправа за политичката иднина на претседателот Асад, Кери кажа дека таквите изјави се очигледен обид да се загрозат мировните преговори.
Францускиот министер за надворешни работи и домаќин на денешниот состанок во Париз, Жан-Марк Ејро, потсети дека војната во Сирија влегува во својата шеста година и дека утре во Женева започнува новата рунда мировни преговори. Порача дека Франција и понатаму ќе ја поддржува умерената сириска опозиција.
Тој рече дека договорениот прекин на огнот во Сирија мора во целост да се почитува, со цел да се создаде позитивен и сигурен амбиент за процесот на преговорите.
Рече дека досегашните преговори донесоа одредени добри резултати на теренот, но дека мора да се истрае во процесот на воспоставување траен мир.
Коментирајќи ги неодамнешните изјави на сирискиот министер Муалим, Ејро изјави дека тоа е провокација и лош сигнал од Дамаск.