İhvan Radoykov
13 Март 2016•Ажурирај: 13 Март 2016
СОФИЈА (АА) - Динко Вилев (29) кој живее во бугарскиот град Јамбол, во близина на границата со Турција, се прогласи за „ловец на бегалци” и за многу кратко време ја подели јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Вилев акциите ги изведува сам со ATV (All Terrain Vehicle) возило и се „фали” дека во последните три месеци фатил 20 мигранти кои илегално ја преминале турско-бугарската граница.
Тој смета дека бегалците кои на илегален начин ја преминуваат границата помеѓу Бугарија и Турција се „луѓе кои немаат што да изгубат и кои се многу опасни”.
„Државата треба да ги поддржи луѓето како мене. Трипати одев во лов и секојпат наидував на илегални мигранти. Заштитата на границите е недоволна. Кога би поминал таму пет дена, секој ден би фаќал најмалку десет лица”, смета Вилев, кој тврди дека бегалците кои ги сретнал го нападнале со остри предмети и дека, бранејќи се, ги фатил напаѓачите и ги предал на припадниците на безбедносните сили.
Вилев се занимава со продажба на авто-делови и, како што вели, тоа му е доволно за живот, но дека од државата очекува да му пружи материјална помош за да оформи „екипа за лов на бегалци” кои ќе ја сочинуваат доброволни „ловци”.
И покрај тоа што само неколку стотина бегалци сакаа да останат во Бугарија, земја со седум милиони жители, поединци на социјалните мрежи го поддржуваат Вилев, додека други сметаат дека Вилев е „расистички хулиган”.