Nurhan Çorlu
14 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот заменик премиер, Нуман Куртулмуш, изјави дека Република Турција не може да продолжи по патот на прогресот и развојот со слаба војска и дека никој нема ништо против турските вооружени сили да бидат силни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турските вооружени сили имаат само една задача, да ја бранат државата и татковината. Неопходно е да се изградaт вооружени сили кои ќе ја извршуваат таа задача, а кои нема да имаат налогодавачи во политиката, ниту пак ќе имаат политички аспирации или на било кој начин ќе учествуваат во политичките интервенции. Се надеваме дека ќе успееме во тоа по нападот и обидот за државен удар на 15 јули”, изјави Куртулмуш во интервју за телевизијата „Фокс”.
Истакнувајќи дека воени удари се подигани со цел промена на политичкото водство, турскиот заменик премиер Куртулмуш соопшти дека минатомесечниот обид за воен удар во Турција бил многу поподмолен чин, кој имал за цел потполна политичка дестабилизација на земјата.
„Сценариото на пучистите беше така подготвено да ја отстранат политиката од дневниот ред на Турција и првин да предизвикаат граѓанска војна, а потоа Турција да ја подготват за окупација од страна на одредена странска сила. Тоа е јасно и сите докази што ги собираме го расветлуваат овој план”, рече Куртулмуш.
Осврнувајќи се и на терористичката организација ФЕТО, Куртулмуш рече дека тоа е масовна организација во која се воспоставени свои сопствени системи на вредности во согласност со нивното разбирање на исламот.
Тука се крие, всушност, и најголемото предавство. Тоа предавство е криено со години а станува збор за поподмолна организација и од онаа предводена од Хасан Сабах. Друга перверзија и разврат на оваа организација е дека сите во неа како просветител и како непогрешлив го гледаат водачот на оваа организација, и тоа што сите негови потези и изјави ги прифаќаат како неопходност и без приговор. Од социолошка гледна точка, тоа е најголемиот разврат на оваа организација", рече Куртулмуш.
Потсетувајќи на повеќемилионскиот митинг што се одржа неодамна во Турција, со цел да се осуди обидот за воен удар, Куртулмуш рече дека тој митинг ја зајакнал Турција и дека е јасно оти ниту една разумна личност во Турција не може да ги поддржи пучистите.