Ivana Ramadanova
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Почнувајќи од денес, па сѐ до среда, во Скопје ќе се одржи Меѓународна конференција насловена како „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на тридневната конференција е да се отвори јавна дебата за тоа како најдобро да се забрза реформата на образовниот систем и да се подобри квалитетот на образованието за да се намали јазот меѓу земјата и успешните образовни системи.
Конференцијата ја отвори премиерот Зоран Заев, кој истакна дека еден од приоритетите на Владата е создавање одржлив образовен систем во Македонија, истакнувајќи дека ако државата се посвети на создавање стручни и образовни кадри од мали нозе, тие ќе можат да си го најдат своето место на пазарот на трудот.
„Знаењето е клучот на животните порти и ова искуство на светот е движечка мотивација за државите да вложуваат во усовршување на своите образовни политики. Новата Влада на Македонија е определена кон одржливи решенија во образовниот систем, во којшто досега многу се експериментираше, а најголема штета од тоа претрпеа децата, учениците, студентите, носителите на иднината на државата. Владата преку Министерството за образование веќе почна со ревизија на наставните планови и програми. Започнати се и процеси на ревизија на учебниците, како и за менување на законите кои се однесуваат на образованието“, рече премиерот Заев.
Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, пред присутните истакна дека без оглед на тоа од каде се децата, богати или сиромашни, тие треба да добијат настава со ист квалитет и да се мерат во однос на истите стандарди.
„Денес во земјата, повеќето од најсиромашните 50 проценти на 3 до 6-годишните деца не одат во градинка. Ова создава меѓугенерациски циклус на сиромаштија. Затоа ја поздравуваме заложбата на Владата да го прошири предучилишното образование во најсиромашните и во руралните региони на земјата, да обезбеди три бесплатни часа преучилишно образование на ден и да напредува кон универзален пристап до образование во согласност со целите на ЕУ и целите за одржлив развој. Ние ќе застанеме рамо до рамо со вас во реализацијата на таа цел“, рече Перкс.
На конференцијата присуствуваат околу 500 учесници кои ќе имаат можност да слушнат меѓународни образовни експерти, реномирани лидери и поборници за квалитет, рамноправност и ефикасност на образовните системи.
Тие ќе ги споделат најновите водечки сознанија за иднината на наставните програми, градењето карактер преку образование, образованието во раното детство и инклузивното образование, како и за наставните иновации.
Експерти од Словенија, Хрватска, Албанија и Србија, земји кои успешно работат на подобрување на квалитетот на образованието ќе споделат практични искуства од регионот.
Моментално, само едно од четири деца во земјата посетува основно образование (28 отсто) и само 4,7 отсто од децата со попреченост посетуваат предучилишно образование.
Паралелно со конференцијата на дводневниот хакатон ќе се вклучат тимови од експерти и млади луѓе, за да посочат нови иновативни подрачја со коишто ќе се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието.
Тимовите ќе презентираат идеи и иновативни решенија на последниот ден од конференцијата, како предизвик на традиционалните образовни парадигми, и ќе претстават нови технолошки можности и иновативни практики за движење на модерното образование напред.
Настанот е организиран под водство на Владата, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, заедно со УНИЦЕФ.