Senada Ibraimova
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денес по шестнасетти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија за изминатата година. Средбата со новинарите, на која беа доделени наградите, се одржа во Клубот на новинари, јавува Anadolu Agency (AA).
На годинешниот конкурс се пријавија 39 автори, со вкупно 69 стории, обработени во 97 текстови и прилози, кои се објавени на интернет-портали, телевизии и во неделници.
Првата награда од овој конкурс за изминатата 2016 година им припадна на Миомир Серафиновиќ и на Снежана Лупевска-Созен, за сторијата за смртта на Коста Крпач.
Од МИМ велат дека овие новинари за исклучително краток период, преку темелна обработка на бројни информации од истрагата и со теренско истражување обелодениле детали, како и дека отвориле сериозни прашања од јавен интерес во врска со смртта на Крпач.
Новинарот Миомир Серафиновиќ, заблагодарувајќи ѝ се на комисијата за доделената награда, во своето обраќање до медиумите истакна: „Истрагата за овој случај сѐ уште не е готова. Во врска со оние, да кажеме, откритија или пропусти на истрагата кои ги посочивме во емисијата, ги посочувавме дури и при средби со обвинители, полициски службеници итн“.
Снежана Лупевска-Созен пак, во своето обраќање нагласи дека сторијата за Коста Крпач претставувала голем порив за истражување и оти веднаш по нивната сторија се отворија многу прашања во јавноста.
„Таа сторија не е завршена, како што не е завршено и истражувањето за Смилковско Езеро. Ние и понатаму ќе работиме на таквите стории“, рече Созен.
Таа меѓу другото истакна дека ваквите стории се поттик за младите новинари и оти иднината на истражувачкото новинарство е токму во младите, притоа изразувајќи ја својата поддршка за локалните медиуми.
Втората награда за најдобра истражувачка сторија за 2016 година ја доби Зоран Јованоски за сторијата „Пеплиште и смртта“.
Третата награда, пак, ја доби Ирена Мулачка за серијалот текстови за зголемената смртност на новороденчињата на скопската Клиника.
Комисијата од овој конкурс им додели пофалници на уште двајца новинари за прикажаниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка, и тоа, на Владо Апостолов за сториите „Дамки врз тендерот за чистење на Владата“, „Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец“, „Гласачи живеат во Свети Николе, ама скопски адреси“ и „Серијалот истражувања за имотот на Владимир Здравев“.
Пофалница доби и Стојанка Митреска, за истакнат новинарски ангажман и професионална обработка на сторија на темата „Печуркарата во Свети Николе мувлоса предвреме“.
Наградата за најдобра истражувачка сторија се доделува редовно уште од 2001 година, како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во државата. По смртта на новинарот Никола Младенов, оваа награда беше именувана во негова чест.