Aişe Hümeyra Akgün
23 Септември 2023•Ажурирај: 26 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Епизодата „Украински воени дневници“, снимeна во Украина во рамките на наградуваниот документарен серијал „Off the Grid“, што го подготви турскиот телевизиски канал ТРТ, постигна голем меѓународен успех влегувајќи во финалниот избор за престижната награда Еми, известува Анадолу.
ТРТ објави дека документарецот, кој зборува за искуството на цивилите во екот на војната меѓу Русија и Украина, влегол во најтесниот избор во категоријата „Вести и актуелности“ на 44. меѓународно доделување на наградата Еми што ја доделува Меѓународната академија за телевизиска уметност и наука.
Конкуренти на турскиот документарец во финалниот на избор за наградата Еми се документарни филмови од Англија, Бразил и Израел.
Наградите во категоријата „Вести и актуелности“ на 44. меѓународно доделување на наградата Еми ќе бидат врачени на церемонијата што ќе се одржи во Њујорк на 27. септември, со учество на водечките имиња од светот на телевизијата.
Документарецот на ТРТ е снимен во Украина. Авторите на филмот се Мухсине Енаими и Александар Паулиат, а снимател е Хакан Хоџаоглу. Овој документарен филм на впечатлив начин на публиката и го претставува деструктивното лице и голготата на војната.
Генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собаџи, изјави дека визијата на ТРТ Ворлд е со емисиите на странски јазици да се создаде силно влијание на меѓународната сцена.
„Ги следиме настаните како во далечните региони, така и непосредно пред нас, и на дневен ред поставуваме многу прашања кои светот често ги игнорира. Од таа причина, ТРТ Ворлд известува за војната во Украина, особено за цивилите. За нас не е изненадување што Off the Grid е номиниран за Меѓународната награда Еми“, вели Собаџи во соопштението на ТРТ Ворлд.
Омер Фарук Танриверди, заменик-генерален директор на ТРТ, задолжен за меѓународни емисии, изјави дека оваа номинација за Еми е доказ за успехот на ТРТ Ворлд на меѓународната сцена.