Hasan Esen
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) – Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини изјави дека е неопходно итно да се воспостави траен прекин на огнот во Украина и истакна дека ЕУ и понатаму ќе истрае во ставот да не ја признава руската анексија на полуостровот Крим, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Брисел денес се одржува седница на Советот за надворешни односи, на која шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ разговараат за кризата во Украина, во Египет и на Блискиот Исток.
Непосредно пред почетокот на состанокот, на новинарите им се обрати шефицата на европската дипломатија, Могерини, но одби да го коментира новинарското прашање за можната промена на односите меѓу ЕУ и САД по доаѓањето на власт на претседателот Доналд Трамп, како ниту во врска со тоа дали неговата најава за подобрување на односите со Русија има врска со новиот бран судири на истокот од Украина.
„Од аспект на Европската Унија, сè е јасно. Нема да ја признаеме илегалната анексија на Крим од страна на Русија, а ќе се залагаме за воспоставување мир и стабилност во источниот дел на Украина преку спроведувањето на договорите од Минск. Убедена сум дека денес и Советот ќе заземе цврст став во однос на ова. Ќе продолжиме да работиме на решавањето на сите проблеми, вклучувајќи ги и односите меѓу Русија и Украина. Не можам да зборувам за американскиот став во врска со тоа, јас зборувам во името на Европа“, рече Могерини.