Amina Zorniç
10 Декември 2015•Ажурирај: 12 Декември 2015
САРАЕВО (АА) - Боксерската легенда, Мухамед Али (73) оштро ja критикуваше изјавата на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, кој неодамна повика на забрана на влез на муслимани во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јас сум муслиман и нема ништо исламско во убивањето луѓе во Париз, Сан Бернардино или било каде во светот. Вистинските муслимани знаат дека немилосрдното насилство на т.н исламски џихадисти е против самото начело на нашата вера“, се обрати Али преку службено соопштение.
Истакна дека сите муслимани треба да се спротивстават на оние кои исламот го користат за остварување на сопствени цели.
„Тие се отуѓени од учењето на исламот. Вистинските муслимани знаат или би требало да знаат дека е спротивно на нашето верување да се присилува некој кон исламот“, кажа Али.
Како што пишува британски „Гардијан“, Али се осврна и на коментарите на Трамп кој даде спорна изјава по неодамнешниот терористички чин во Калифорнија, во кој беа убиени 14 лица. Коментарите за муслиманите се критикувани ширум светот.
„Говорејќи како некој кој никогаш не бил обвинет за политичка коректност, верувам дека нашите политички лидери треба да ги искоритат своите позиции за да придонесат за што подобро разбирање на исламот и да објаснат дека заведените убијци имаат перверзни човечки погледи на она што исламот всушност е“, рече Али.
Роден како Касиус Марселус Клеј, Али во знак на протест поради расната дискриминација во САД премина на ислам и го зеде името Мухамед Али. Покрај историските резултати постигнати во боксерскиот ринг, со децении е наградуван поради неговата борба за човекови права и слободи, хуманитарна помош и промовирање на слободата на вероисповед.
По повлекувањето од светскиот бокс во 1981 година, Али ретко се појавува во јавноста со оглед на тоа што се бори со Паркинсоновата болест. Многумина го сметаат за најголем спортист на 20-тиот век.