Admir Fazlagic
24 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со 83 гласа „за“, и 3 „против“, парламентарното мнозинство на денешната 95 седница по ред, одлучи да ја поништи одлуката за распуштање на Собранието , со преиначување, Собранието да се распушти на 7 април, односно 60 дена пред избори. Со ваквата одлука, пратениците повторно гласаа за дефиниран датум на избори, кои би се одржале на 5 јуни, но без согласност од сите политички партии, јавува Anadolu Agency (AA).
Од СДСМ беа против ваквата одлука, бидејќи, како што велат, не е постигнат договор за медиумите и нема напредок во прочистувањето на Избирачкиот список, кои беа едни од главните точки од Пржинскиот договор.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески изјави дека ова е директно призание дек нема услови за одржување на кредибилни избори на 24 април.
"Без прочистен избирачки список, без реформи за слободни избори, не може да има фер и демократски избори. Тоа е став кој го потврди меѓународната заедница, гарант на Договорот од Пржино. Нема да учествуваме во гласањето за нејзиното менување" , изјави Сугарески, по што следуваше обраќањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски кој истакна дека е срамно што опозицијата бега од избори и дека на 5 јуни граѓаните на Република Македонија со својот избор ќе ја покажат својата волја.
"На 5. јуни со вас или без вас, граѓаните на Република Македонија ќе го изберат новото Собрание, а вие да си продолжите и понатаму со вашата, срамна, понижувачка, деструктивна политика", рече пратеникот Димовски.
Пратеникот од ДУИ, Талат Џафери излезе со став дека ДУИ нема од што да се срами и дека стои зад оценките на меѓународниот фактор. Џафери ги повика сите страни да го почитуваат Договорот од Пржино.
"Ниту јас, ниту ДУИ немаме потреба да се срамиме пред нашиот народ кој ни даде мандат. Согласно договорот што го побаравте, добивте датум за избори кои што го потпишавте - 24 април. Тогаш, денес и утре партнер е нашиот гласач, нашиот народ и меѓународниот фактор, чијшто процени сме ги ценеле, почитувале и ќе стоиме зад нивните оценки. Ги покануваме сите страни да стојат на Договорот", рече пратеникот Џафери.
На почетокот на седницата, претседателот на Парламентот Трајко Вељановски информира дека вечерва министрите и дополнителните заменици министри од СДСМ лично ги повлекле условените оставки што денеска ги поднесоа до Владата.