Bayram Altuğ
13 Септември 2018•Ажурирај: 14 Септември 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Во рамките на превентивните мерки, во случај силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад да започнат напади на Идлиб, Обединетите нации (ОН) на Русија и САД им доставија прецизни координати на 235 цивилни цели кои се наоѓаат во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ОН за хуманитарна помош во Сирија, Панос Мумцис, денес во Женева изјави дека ситуацијата во Идлиб била главна тема на состанокот на Меѓународната група за поддршка на Сирија.
Тој изрази задоволство од фактот што сите претставници на членките на Групата се согласни во неопходноста за надминување на кризата во Идлиб со политичко решение.
Мумцис, исто така изјави дека на САД и Русија, како претседатели на Групата, врачени им се прецизни GPS координати на 235 центри за заштита на цивилите.
Тој појасни дека станува збор за медицински установи, населени места, училишта, болници, магацини со храна и инфраструктурни комплекси.
Мумцис додаде дека по дипломатски пат се обидува да допре до сите страни, а особено до режимот на Асад, со цел спречување на хуманитарната катастрофа во Идлиб.
Укажувајќи на интезивираните вооружени напади на Идлиб, Мумцис изјави дека во првите 12 дена од септември во тој регион се раселени најмалку 38.300 цивили.
Тој додаде дека речиси 4.500 од тие раселени цивили се вратиле во Џиср ес-Шугур и Мамбал, во кои дошло до намалување на бројот на нападите.
„Во ОН се подготвуваме и на најлоши сценарија во Идлиб. Претпоставувме дека во случај на голем напад во Идлиб би дошло до раселување на 900.000 цивили“, изјави Мумцис, и додаде дека 700.000 цивили би можеле да се упатат кон соседна Турција, а остатокот кон територијата под контрола на режимските сили.
Нагласувајќи дека станува збор за проценка на експерите, Мумцис изјави дека ОН продолжуваат да работат на подготовка на планот за помош на цивилите во Сирија. Тој најави дека во почетокот на наредната недела ќе патува во посета на Анкара и Газиантеп.