Dildar Baykan
14 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу изнесе критики на сметка на Соединетите Американски Држави (САД) поради поддршката на оваа земја на ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК и порача дека е крајно време Вашингтон да одлучи кој му е вистинскиот сојузник во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Њујорк Тајмс“ (The New York Times) објави отворено писмо на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, во кое тој прави осврт кон актуелните случувања во Сирија.
Чавушоглу во писмото го прокоментира текстот што на 9. септември е објавен во „Њујорк Тајмс“ под наслов „Катастрофална завршница во Сирија“, порачувајќи дека овој текст е важен од аспект на оттргнување на вниманието од фактот дека режимот на сирискиот претседател Баша ал Асад ќе изведе крвава операција врз последното силно упориште на опозицијата.
Турскиот министер потсети и на изјавата на едно официјално лице на ОН, кој истакна дека оваа операција претставува потполна блокада на илјадници луѓе и дека тоа би можело да прерасне во „најголемо страдање во 21. век“.
„Но споменатата статија прескокнува еден застрашувачки детал. Сојузниците на Асад кои изведуваат напади имаат поддршка на САД. Последниот извештај покажува дека терористичката организација ЈПГ, која делува на подрачјето на Сирија, доби помош и вооружување, купено од даноците што ги плаќаат Американците. Оваа терористичка организација ја засили соработката со Асад и во согласност со договорот постигнат во јули оваа година, Асад им прати поддршка на начин што градот Идлиб ќе го преземе од опозицијата“, напиша Чавушоглу.
Тој предупреди и на фактот дека константно се зголемува соработката меѓу Асад и ЈПГ/ПКК.
„ЈПГ е сириско крило на терористичката органиација ПКК која повеќе од 30 години спроведува насилство и терористичка кампања на територијата на Турција“, порача Чавушоглу и потсети дека ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и Европската унија.
„Не постои никакво оправдување за делувањето на силите на ЈПГ на подрачјето на Сирија, односно, неколку километри од турската граница. Време е Вашингтон да донесе одлука кој му е вистинскиот сојузник во регионот“, порача Чавушоглу.