Betül Yürük
19 Септември 2018•Ажурирај: 20 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека минатата година околу 6,3 милиони деца под 15-годишна возраст починале поради болести кои можеле да бидат спречени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во заедничкиот извештај на Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ), Светската здравствена организација (СЗО), Одделот за население при ОН и Светската банка, се наведува дека на секои пет секунди во 2017 година починало по едно дете под 15-годишна возраст поради причини или болести кои би можеле да бидат спречени.
Според овој извештај, околу 5,4 милиони смртни случаи се случувале во првите пет години од раѓањето, а новороденчињата сочинуваат околу половина од овие смртни случаи.
Се вели дека во случај да не бидат преземени итни мерки, 56 милиони деца под петгодишна возраст, до 2030 година ќе се соочат со ризик од смрт поради проблеми во пристапот до лекови, чиста вода за пиење, електрична енергија и вакцини.
Во извештајот се истакнува дека половина од смртните случаи кај децата под петгодишна возраст се случуваат во супсахарска Африка, додека 30 отсто во Јужна Азија. Според соопштеното, секое 13. дете во супсахарска Африка умира пред 15-годишна возраст.