Aşkın Kıyağan
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ВИЕНА (АА) - На општите избори во Австрија со освоени 31,6 отсто од гласовите победи владејачката конзервативна Народна партија (OVP), чиј лидер е 31-годишниот Себастијан Курц, актуелен министер за надворешни работи и евроинтеграции на Австрија. Доколку успее да формира коалиција, Курц ќе биде најмладиот премиер на Австрија, јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера Австрија гласаше за избор на 183 пратенички места во Парламентот.

Според последните податоци кои ги објави австриската државна телевизија ОРФ (ORF), во однос на претходните избори, Народната партија забележа раст од 7,6 отсто и со освоени 31,6 отсто е победник на општите избори во Австрија. Коалицискиот партнер Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) е втора, со освоени 26,9 отсто.
Радикалната десничарска и антиисламска Слободарска партија (FPO) има пораст на освоени гласови од 5,5 отсто во однос на претходните избори, и со 26 отсто се наоѓа на третата позиција. Ваквото сериозно зголемување на бројот на гласови на Слободарската партија ѝ дава можност да биде сериозен кандидат во формирањето на владината коалиција.
- Зелените по 31 година не влегоа во Парламентот -
Партијата на зелените од првото влегување во Парламентот во 1986 година, на овие избори го имаат најлошиот резултат со освоени 3,9 отсто. Останувајќи зад границата на баражот од 4 отсто, по 31 година Зелените останаа надвор од Парламентот. За разлика од дебаклот кој на овие избори го доживеа оваа партија, на изборите во 2013 година освои 12,4 отсто и имаше 24 пратеници во австрискиот Парламент.
- Во Парламентот влегоа пет партии -
Според изборните резултати, право за влез во Федералниот парламент добија конзервативната Народна партија, Социјалдемократската партија, Слободарската партија, Новиот австриски и либерален форум (NEOS) и Листата на Петер Пилз.
- Избор за коалицирање -
По пребројувањето на гласовите кои се испратени по пошта, на 19 октомври министерот за внатрешни работи, Волфганг Соботка, ќе ги објави официјалните резултати.
По општите избори во Австрија, на кои гласаа 79 отсто од лицата со право на глас, политичарите избегнуваат да дадат било какви изјави, што навестува дека се можни секакви опции за формирање на коалициска влада.
Според изборните резултати, Курц, лидерот на Народната партија, го доби правото за формирање влада и на повидок се две опции за формирање коалиција.
Голем број политичари и новинари проценуваат дека прва и најсилна опција за формирање коалиција се меѓу Народната партија и Слободарската партија кои имаат речиси исти програми, создаваји коалиција на централна десница и радикална десница.
Втората опција е уште еднаш да се формира 'голема коалиција' меѓу Народната партија и Социјалдемократската партија на чие чело би бил Курц. Но, несогласувањата меѓу тие две партии и различните политички опции кои ги имаат предизвикуваат сомневање дека тешко да е возможно формирање на голема коалиција.
Според освоените гласови, во австрискиот парламент конзервативната Народна партија ќе има 62 пратеници, Социјалдемократската партија 52, Слободарската партија 51, Новиот австриски и либерален форум 10 и Листата на Петер Пилз 8 пратенички места.