Hakan Çopur
31 Јануари 2016•Ажурирај: 01 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за одбрана на САД потврди дека руски воен авион во петокот го повредил турскиот воздушен простор и ја повика официјална Москва да им стави крај на потезите кои предизвикуваат зголемување на тензиите во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД, заедно со НАТО сојузот, и понатаму ќе се солидаризира со Република Турција. Ја повикуваме Русија да го почитува турскиот воздушен простор и да им стави крај на потезите кои предизвикуваат раст на тензиите во регионот”, изјави за АА портпаролот на Пентагон, Марк Рајт.
Рајт, исто така, рече дека за смирување на тензиите многу е важно двете земји меѓусебе да разговараат.
Министерството за надворешни работи на Република Турција претходно соопшти дека руски воен авион SU-34, на 29-ти јануари во 11:46 часот по локално време, го нарушил турскиот воздушен простор, без оглед на низата предупредувања кои му биле упатени на екипажот на авионот на руски и англиски јазик.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека Русија ќе мора да се соочи со последиците доколку продолжи со таквите провокации.
Руското министерство за надворешни работи ги негираше наводите за кршењето на турскиот воздушен простор.