Adem Şalvarcıoğlu
05 Октомври 2018•Ажурирај: 06 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Индонезиската Агенција за справување со катастрофи (BNPB) соопшти дека 152 милиони жители во земјата живеат во подрачја изложени на ризик од земјотрес и цунами, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Агенцијата, Сутопо Пурво Нугрохо, соопшти дека во Индонезија, која ја сочинуваат околу 17.500 острови, 3,8 милиони лица се изложени на ризик од цунами, додека 148 милиони и 400 илјади лица живеат во подрачја во кои се изложени на ризик од земјотрес.
На островот Сулавеси во петокот дојде до катастрофален земјотрес со интензитет од 7,4 степени, по што следуваше цунами.
Според последното соопштение издадено од Агенцијата за справување со катастрофи, бројот на загинати во земјотресот и цунамито се искачил на 1.558 лица.
Во несреќата се повредени 2.549 лица, а повеќе од 100 лица се водат како исчезнати.
Индонезискиот остров Ломбок кон крајот на јули и во август го потресоа земјотреси со интензитет меѓу 6,3 до 6,9 и 7 степени. Во несреќата животот го загубија 563 лица, а повеќе од 450.000 лица беа засегнати од земјотресот.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности. Во земјотресот што на 26 декември 2004 година ја потресе Индонезија со интензитет од 9,1 степен и цунамито што следуваше по него, вклучувајќи ги и другите земји во регионот, животот го загубија 230.000 луѓе.