АНКАРА/МЕРСИН (АА) - Со присуство на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и рускиот претседател, Владимир Путин, преку видеоконференција од Анкара, во јужниот турски град Мерсин денес свечено е положен камен-темелник за изградба на првата турска нуклеарна централа Акују, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред Претседателската палата во Анкара денес е организирана церемонија по повод положувањето камен-темелник за изградба на првата турска нуклеарна централа, а на церемонијата присуствуваа претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, голем број министри и официјални лица на двете земји.

- Ердоган: Историски ден за Турција -
„Денес сведочиме на историски ден“, констатираше Ердоган на самиот почеток од обраќањето.
„Кога во 2023 година ќе дојде до пуштање во погон на првиот реактор од нуклеарната централа Акују, Турција ќе стане дел од светското семејство на земјите кои користат нуклеарна енергија. На тој начин, 100. годишнина од основањето на Републиката ќе го крунисаме со историскиот потфат на полето на енергијата“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се на соработката со Русија, истакна дека кога станува збор за регионални прашања, неговата земја е одлучна секој ден сè повеќе да ја зајакнува соработката со Русија.
Ердоган додаде дека денешниот ден е историски, како во контекст на развојот на Турција, така и во контекст на соработката со Русија на полето на енергетиката.
„Кога Акују ќе биде пуштена во погон со сите свои единици, таа самостојно ќе одговори на 10 отсто од потребите за електрична енергија во нашата земја. На тој начин ќе ја направиме поздрава нашата енергетска корпа која сè уште се темели на нафта, природен гас и јаглен“, порача Ердоган.

- Путин: Централата ќе биде безбедна и еколошки прифатлива -
Рускиот претседател Владимир Путин, со оглед на тоа што Руската агенција за нуклеарна енергија Росатом (ROSATOM) ќе ги гради првите две постројки, во обраќањето истакна дека турската нуклеарна централа Акују ќе биде безбедна и еколошки прифатлива.
„Ова е еден многу значаен и важен нов чекор. Денес не почнуваме само со изградба на првата турска нуклеарна централа. Денес формираме нуклерален деловен сектор на Турција. Значи, формираме еден нов сектор“, порача Путин.
Истакнувајќи дека Турција е економски развиена земја, Путин нагласи дека ова е еден потполно нов чекор и ново скалило во развојот на турската економија.
„Сакаме во 2023 година да активираме прв енергетски блок. Тоа сакаме да го сториме на 100. годишнина од основањето на Република Турција“, изјави Путин и додаде: „Успехот на овој проект ќе биде еден од симболите на динамичниот развој и нашата билатерална соработка. Тоа ќе биде симбол на руско-турското пријателство“.
По обраќањето, со присуство на Ердоган и Путин преку видеоконференциска врска од Анкара, министерот за развој на Република Турција, Лутфи Елван, го официјализира почетокот на изградбата на нуклеарната централа недалеку од Мерсин, во јужниот дел на Турција.
Станува збор за првата единица на нуклеарната централа којашто се состои од четири постројки од кои секое ќе има капацитет за производство на 1.200 мегавати електрична енергија.

- Проект вреден повеќе од 20 милијарда долари -
Изградбата на првата турска нуклеарна централа Акују е проект вреден над 20 милијарди долари, а ќе има работен век од 8.000 часа годишно.
Нуклеарната централа Акују ќе има вкупен производствен капацитет од 35 милијарди киловати електрична енергија, со што ќе се задоволат десет отсто од вкупните енергетски потреби на Турција.
Првиот реактор треба да биде оперативен до крајот на 2023 година, а две години подоцна електраната би требало да работи со полн капацитет.
Првата лиценца за проектот за изградба на нуклеарната централа Акују е издадена од Комисијата за атомска енергија во 1976 година, а извештајот за локацијата за изградба на постројките беше одобрен во 2013 година.
„Сега го завршивме и процесот на издавање лиценца за изградба, која е важен дел од проектот на кој се работи речиси три години“, се наведува во вчерашното соопштение на турскиот TAEK.
Подземните и подготвителните работи за изградба на реакторот започнаа минатата година откако беа издадени потребните еколошки и пазарни одобренија.
Целиот проект се заснова врз билатералниот договор што Турција и Русија го потпишаа на 12 мај 2010 година.
Во моментов постојат 450 нуклеарни централи, во 31 земја во светот. Други 55 такви централи се во изградба, а денес на таа група ѝ се приклучи и енергетскиот комплекс Акују, кој се гради во близина на Мерсин, јужна Турција.