АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека станбените објекти, што ќе ги изгради турската Управа за развој на јавното домување (ТОКИ), ќе претставуваат нов белег на пријателство меѓу Турција и Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надевам дека во најкраток можен рок ќе ја завршиме првата фаза и дека ќе можат да се сместат нашите браќа што ги загубија своите домови“, порача Ердоган.
Тој преку видеоконференција се обрати на свечената церемонија на поставување на камен-темелникот на 522 станбени објекти, што ТОКИ ќе ги изгради во Албанија.
Ердоган, упатувајќи поздрав до Албанија и до Албанците, потсети дека по земјотресите што се случија на 21 септември и на 26 ноември 2019 година Турција веднаш ги мобилизирала своите можности.
„Албанија е близок пријател и партнер на Турција на Балканот. Радоста на албанскиот народ е наша радост, нивната тага е наша тага“, нагласи Ердоган.
Посакувајќи овој проект, што вклучува 522 станбени објекти и ќе чини приближно 42 милиони евра, да донесе среќа, претседателот Ердоган рече:
„Овие куќи ќе претставуваат нов белег на пријателството меѓу Турција и Албанија. Се надевам дека во најкраток можен рок ќе ја завршиме првата фаза и дека ќе можат да се сместат нашите браќа кои ги загубија своите домови. Во оваа прилика, уште еднаш сакам да им посакам милост од Бога на браќата Албанци кои починаа во земјотресот, а на нивните најблиски моето сочувство. Исто така посакувам од Бога да нè заштити сите од секаков вид катастрофи, несреќи и епидемии.“
- Еди Рама: „Претседателот Ердоган го одржа зборот даден по страшниот земјотрес“
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека изградбата на становите во Лач ја покажува исклучителната солидарност на турската држава и на претседателот Реџеп Таип Ердоган, изразена веднаш по страшниот земјотрес, што се случи на 26 ноември минатата година, и „одржаниот збор на претседателот и турските пријатели кои рекоа дека ќе започнат со работа и ќе го обноват малиот град Лач“.
Рама рече дека новата населба е поделена на две зони, едната поголема, која се гради од темел благодарение на поддршката на Турција, и другата, во која е започната изградба на инфраструктурата од Владата на Албанија.

„Ова е една населба, населба симбол на пријателски стисната рака и солидарност што ќе остане во идните времиња како доказ за посебните односи меѓу двата народа, двете земји и нашите две влади“, рече Рама.
Албанскиот премиер истакна дека Турција била меѓу пријателските земји кои веднаш ангажирале и човечки сили и материјални ресурси за да помогнат кога животите сè уште беа загрозени во урнатините, кога се трагаше по луѓето под урнатините.
„Потоа, претседателот Ердоган ме повика да бидам присутен на голем собир во пријателската земја, каде што апелираше на солидарност и најави подготвеност за изградба на 500 станови. Веднаш заедно со уште еден пријател, министерот Курум, започнавме со работа благодарение на големото искуство на турската агенција ТОКИ. Овој проект не е само проект на згради со 524 станови, 37 деловни простории, паркинг, трговски центри, туку и проект кој доаѓа како израз на почитувањето кон територијата, со урбани параметри кои го земаат предвид традиционалниот елемент во модерната архитектура. Му се заблагодарувам на министерот Курум што оваа населба го добива својот идентитет“, истакна Рама.
Наведе дека благодарение на турските инженери е решен и стариот проблем со каналот, кој одвреме-навреме го поплавувал градот.
Тој посочи дека се работело и на мрежата на училишта, дека е завршено едно училиште и дека започнала изградбата на уште девет други училишни објекти. Почнала и работата за изградба на индивидуални станови и зајакнувањето на 180 згради со грантови од албанската Влада.
Рама особена благодарност упати до компанијата, градителите и работниците кои работат без работно време, додавајќи дека сето тоа му дава посебна сила на целиот град

Арбен Ахметај, државниот министер за обнова, истакна дека Лач е најголемото градилиште и дека тоа не е само пример за урбана социјална трансформација на еден град што се издига од урнатините на земјотресот, туку е и значаен симбол на пријателството и соработката меѓу Турција и Албанија.
„Морам да ве потсетам дека во времето кога градевме, и во Турција се случи земјотрес, во Измир и неговата околината. Сепак нашите пријатели, турската Влада, претседателот Ердоган и турскиот народ не престана да ни помагаат, да соработуваат и да градат тука во Лач“, рече Ахметај.
Рече дека Зоната 2 ќе биде завршена во март 2021 година, и тогаш ќе бидат вдомени 160 семејства, додека другиот дел ќе биде завршен во август 2021 година.
„Оваа населба засекогаш ќе остане пример за соработката меѓу двата народа. Му благодарам на претседателот Ердоган за одржаниот збор“, рече Ахметај.