Admir Fazlagic
06 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за правда на Република Македонија Валдет Џафери и британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет денеска потпишаа потпишаа меморандум за соработка во областа на правосудството меѓу владите на Обединетото Кралство и Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Информирајќи за проектот, министерот Џафери изјави дека тој има за цел да воспостави алатки и методи што ќе го поддржат правосудниот систем во своите активности, во насока на зголемување на неговата независност и довербата на јавноста во правосудството.
„Овој проект содржи три важни компоненти во рамките на реформите во областа на правосудството: воспоставување и имплементација на матрицата на индикатори за правосудството, зголемени капцитети на судиите во униформираната примена на правото преку употреба на судската пракса, како и зголемена свест за економската вредност на правдата во судството и јавноста“, рече Џафери додавајќи дека значаен дел е посветен и на унапредување на системот на судската пракса во рамките на која досега се реализирани бројни проекти.
Амбасадорот на Велика Британија во Скопје, Џарлс Гарет изјави дека Велика Британија и Македонија соработуваат во многу области, но дека правосудството е од исклучително голема важност за државата и за граѓаните, поради што треба да се посвети внимание на ова поле.
„Судскиот систем и пристапот до правдата се актуелни теми во Македонија веќе неколку години. Една клучна лекција од политичката криза којашто се одрази во итните реформски приоритети е потребата од подобар судски ситем за сите. Ова подразбира подобрен капацитет на судиите, подобри перформанси во судскиот систем, зголемена доверба на јавноста во судството, зголемена независност и подобар пристап за сите граѓани“, рече британскиот амбасадор Гарет. Тој истакна дека проектот има важност за општеството во целина, не само за судскиот ситем.
„Секој во земјата има интерес да има посилен судски систем, затоа што посилен судски систем значи градење на силна демократија, праведно општество и растечка економија. Накратко, посилен судски систем значи посилна Македонија“, потенцираше амбасадорот Гарет.
Лидија Стојковска Зафировска од Центарот за правни истражувања и анализи ја објасни содржината на проектот „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судските реформи“, образложувајќи ја важноста на трите посочени компоненти во чии рамките ќе се спроведе програмата.
Соопштено е дека проектот ќе се спроведува до 31 март 2018 година.