АНКАРА (АА) - Бангладеш треба да формира поширок меѓународен сојуз за решавање на прашањето на околу 1 милион аракански бегалци (Рохинџи) во земјата, истакна активистот за човекови права и политички дисидент од Мјанмар, Муанг Зарни, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговорот со АА на Глобалниот ден на геноцидот, Муанг Зарни истакна дека четири регионални сили заедно со Израел го поддржуваат или го штитат геноцидот на Мјанмар врз муслиманското малцинство Рохинџи во западната мјанмарска држава Аракан.
„Ниту еден извршен геноцид не е извршен само од една држава. Секогаш кога бил извршен геноцид, постоела коалиција на пријатели, кои или го поддржувале криминалниот режим, или го заштитувале“, рече тој.
Русија, Кина, Индија, Јапонија и Израел имаат и економски и воени интереси во Мјанмар, според Зарни, поради што на Мјанмар му се дава тивка поддршка на меѓународните форуми.
Зарни нагласува дека геноцидот во Мјанмар е спроведен со соработка, соучество и поддршка на овие држави, сугерирајќи дека „контрасојузот“ против овие држави е од круцијално значење за решавање на прашањата како што е безбедната репатријација.
Заедницата Рохинџа, од ОН окаракатеризирана како најпрогонуваниот народ во светот, се соочи со зголемени стравувања од напади, откако десетици луѓе беа убиени во насилствата во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 аракански бегалци, претежно деца и жени, избегале од Мјанмар и преминале во Бангладеш, откако силите на Мјанмар започнаа со примена на насилни мерки против малцинската муслиманска заедница.
За да се реши проблемот со араканските муслимани „...мора да има одредена форма на интервенција. Не мислам на воена интервенција. Постојат различни видови интервенции“, додаде тој.
Предложи Владата на Бангладеш да ја мобилизира меѓународната заедница преку организирање на поширока меѓународна конференција во Дака, со цел решавање на иднината на Рохинџите.
Зарни понатаму истакна дека Дака треба да формира алтернативен сојуз, заедно со латинските и северноамериканските држави, ЕУ, Организацијата за исламска соработка и другите земји кои се противат на геноцидот врз муслиманите Рохинџа во Советот за човекови права на ОН.
- Репатријацијата повеќе не е решение -
Зарни, кој е член на одборот на советници на „Genocide Watch“ и член на Центарот за документирање на геноциди при Институтот „Слеук Рит“, Камбоџа, посочи дека разговорите со де факто лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји, за решавање на кризата со Рохинџите се крајно бескорисни.
„Су Кји или не сака, или се крие зад Војската, или пак не го прифаќа дури и гласањето на ОН дека станува збор за злосторства извршени од Војската.“
„Олеснувањето во однос на неколку правила нема да го реши [прашањето] за местото каде што муслиманите Рохинџа повеќе не се прифатени како дел од Мјанмар“, рече Зарни.
Нагласувајќи дека Бангладеш носи огромен товар со прифаќањето на бегалците, тој истакна дека не е должност на Дака да ги храни.
„За да може Бангладеш да се грижи за еден милион Рохинџи на своја територија, ...меѓународната заедница мора да ги исполни хуманитарните обврски, обезбедувајќи му на Бангладеш 100 отсто финансиски средства да ги нахрани бегалците, за медицински средства, технологија, образование и друго.“
Бангладеш чувствува двостран притисок од меѓународната заедница, која очекува земјата да ги згрижи бегалците со своите ограничени ресурси.
„Само 40 отсто од потребите на бегалците во Бангладеш се исполнети“, соопшти Зарни, кој живее во егзил повеќе од 30 години.
Тој ја спореди репатријацијата на Рохинџите во Мјанмар со испраќањето на преживеаните од Холокаустот во гасните комори во Аушвиц. „Тоа е самоубиство. (Бидејќи) Сторителите сè уште се на власт.“
„Би било глупаво да мислите дека виновниците ќе ги заштитат вашите деца... Не можете да му верувате на силувач, и да одите и да живеете во иста куќа со него. Убијците сè уште се наоколу. Не можете да се вратите назад.“
Бангладеш и Мјанмар минатата година потпишаа Договор за репатријација на араканските муслимани (Рохинџи), во кој се нагласува дека репатријацијата треба да биде доброволна, безбедна, достоинствена и одржлива. Но процесот беше одложен неколкупати поради протестите на бегалците.
„Бидејќи тие видоа што им се случи на нивните мајки, татковци и деца. Многумина од нив преживеаја силување. Беа сведоци како ги убиваат нивните деца откако се силувани. Според тоа, не можете да им кажете на овие луѓе да се вратат назад. Ако не сакаат да се вратат, и ако Бангладеш ги принудува да се вратат, тогаш Бангладеш ќе стане лошиот човек, бидејќи тоа е против меѓународното хуманитарно право. Мислам дека Бангладеш е свесен за тоа.“
- Огромен затвор -
Наведувајќи ги неодамнешните извештаи за Рохинџите кои со чамци го напуштаа Мјанмар, Зарни нагласи дека нивниот прогон во Мјанмар сѐ уште трае.
Обидувајќи се да даде кратка претстава за нивниот живот во Мјанмар, тој вели: „Селата на Рохинџите повеќе не се села. Жител на селата треба да помине четири безбедносни контролни точки за да оди во следното село.“
„Жените немаат пристап до пренатална нега. На муслиманите Рохинџа не им е дозволено од едно село до друго да одат во амбуланта. Соодносот доктор - пациент е 1 на 186.000 Рохинџи, додека националниот просек е 1.000 или 2.000 пациенти на еден лекар.“
„Тоа е како огромен затвор со поголем број чувари“, додаде тој, споредувајќи ја областа каде што живеат Рохинџите во Мјанмар со Газа во Палестина.
Зарни, исто така, говореше и против планот на Дака за преселување на 100.000 бегалци Рохинџа на Басан Чар, остров во Бенгалскиот Залив.
„Луѓето почнаа да изразуваат сериозна загриженост бидејќи [засолништатата] повеќе изгледаат како затворски камп. Видеата кои доаѓаат, покажуваат дека селата таму не се нормални села. Островот од најблискиот брег е оддалечен два часа пат со моторен чамец.“
Тој нагласи дека Рохинџите сакаат да се вратат во Мјанмар и да живеат мирен и достоинствен живот.
„Вратете им ги нивното земјиште, шуми и реки. Тие знаат како да живеат. Сиромашно, но не им е потребно да зависат од никого. Тие никогаш не се потпирале на никого“, додаде тој.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој Онтарио (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 други беа претепани“, се вели во извештајот, насловен како „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
Околу 18.000 жени и девојки се силувани од Војската и полицијата на Мјанмар, домовите на над 115.000 Рохинџи се запалени, а 113.000 вандализирани.
ОН документираа масовни силувања, убиства од страна на банди - вклучувајќи и убивања на бебиња и мали деца - брутални претепувања и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили на Мјанмар. Во својот извештај, истражителите на ОН наведуваат дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.