Bahtiyar Abdukerimov
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
АШГАБАТ (АА) - Актуелниот претседател на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, победи на претседателските избори во таа земја и на чело на државата ќе остане до 2024 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната изборна комисија на Туркменистан утрово ги соопшти првичните резултати од вчерашните избори, според кои актуелниот претседател и кандидат на владејачката Демократска партија, Бердимухамедов, освоил 97,69 отсто од гласовите.
Во изборната трка учествуваа уште осум други кандидати, а изборната комисија во текот на денот ќе ги објави нивните резултати.
На изборите право на глас имаа 3,2 милиони гласачи, а од изборната комисија е соопштено дека излезноста на изборите на гласачите била 97,27 отсто.
Во согласност со Изборниот законик на Туркменистан, за избор на функцијата претседател и врховен командант на вооружените сили треба да се освои надполовично мнозинство, а Бердимухамедов третпат славеше убедлива победа и ќе остане на функцијата на којашто се наоѓа од декември 2006 година.
Со долгогодишните уставни реформи, мандатот на претседателот е продолжен од пет на седум години.
Покрај домашните надлежни изборни комисии, вчерашните претседателски избори во Туркменистан ги следеа и меѓународните набљудувачи од Европската организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ), Шангајската организација за соработка и Заедницата на независни држави.
Бердимухамедов е роден во 1957 година, дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Туркменистан. Политичката кариера ја започна во 1997 година кога почна да работи за Министерството за здравство. Четири години подоцна е назначен за заменик на првиот туркменистански претседател Сапармурат Нијазов, а по неговата смрт во 2006 година тој стана претседател на државата. Со победата на претседателските избори во 2007 и во 2012 година ја зајакна позицијата лидер на Туркменистан, што беше потврдено и на вчерашните избори.