Bekim Laci
06 Април 2016•Ажурирај: 07 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Канцеларијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, се одржа презентација на почетокот на проектот на ЕУ "Локална интеграција на бегалците, внатрешно раселените лица и малцинските групи" која има за цел зајакнување на капацитетите на јавната администрација за спроведување на инклузивната интеграција на Ромите, Ромите бегалци и раселените лица во рамките на територијата на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Мабера Камбери од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) рече дека проектот почнал да се спроведува од јануари оваа година, а крајниот рок за завршување на проектот е јуни 2017 година, истиот вклучува релевантни институции кои се носители на политиката поврзана со декадата на Ромите, поконкретно за внатрешната интеграција на Ромите.
„Проектот главно се фокусира на градење на капацитети на институциите корисници и координацијата меѓу нив која вклучува обука но и други активности во насока на јакнење на јавната свест и воспоставување механизам за справување со предизвиците на Ромската заедница, за што, во однос на реализација на стратешките цели 2014-2020 ќе се направи и социјалната инклузија на локално ниво”, рече Камбери, додавајќи дека Македонија има инвестирано многу за подобрување на социјалната состојба на Ромите.
Мартин Клаук од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, од своја страна, рече дека во текот на годините е постигнато многу во однос на унапредувањето на културата на Ромите, но според него, сè уште постои дискриминација и исклучување на Ромите во различни Европски култури.
„Ми претставува посебно задоволство што ЕУ денес го промовираше проектот за општествената вклученост на Ромите во земјата, кој истовремено има за цел да го подобри квалитетот на животот и услугите кои ќе им овозможат еднакви можности за Ромите. Проектот ќе го испита проблемот на домување и другите проблеми со кои се соочува ромската заедница”, рече Клаук.
Тој објаснува дека во оваа насока ќе биде обезбедена обука за институциите кои се одговорни за имплементација на стратегијата за Ромите.
Шефот на тимот за имплементација на проектот, Ебен Фридман, рече дека проектот ќе се спроведува во тесна соработка со МТСП, така што оваа категорија на луѓе ќе се вклучат во добивање на услуги од државните институции во однос на општествената вклученост.
Во проектот се вклучени Ромите, Ашкалиите и Египќаните во Македонија.