Murat Temizer
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Министрите за енергија на Турција и Израел денес детално ја дискутираа можноста за извоз на природен гас од Израел во Турција по нормализирање на процесот кој го заврши шестгодишниот јаз во официјалните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на турското Министерство за енергетика, министерот за енергија и природни ресурси на Турција, Берат Албајрак, и министерот за енергија на Израел,Јувал Штајниц се состанаа во Истанбул.
„Ова е прв официјален состанок на министерско ниво помеѓу двете земји, по нормализирањето на билатералните односи. Министрите ја поздравија нормализацијата на врските и ја изразија својата посветеност на зацврстување на односите, за доброто на двата народи”, пишува во соопштението.
Во соопштението е наведено дека министрите ја нагласиле централната улога на економската соработка во односите, особено потенцијалот на енергетскиот сектор.
„Министрите ги изразија своите мислења, нагласувајќи ја улогата на енергетскиот сектор во стабилноста и просперитетот на Источниот медитерански басен” , се вели во соопштението при што се додава: „Страните дискутираа за разните начини за обезбедување на електрична енергија на Палестинците, влучувајќи ги и централите во Газа и Џенин. Во текот на средбата, министрите разговараа за регионалните предизвици”.
Ова е прва посета на министерско ниво во изминатите шест години, а претставува резултат на зближувањето договорено од страна на двете земји.
Дипломатските врски меѓу Турција и Израел беа прекинати во мај 2010 година, кога израелските командоси убија 10 турски активисти на бродот со хуманитарна помош, „Мави Мармара“, насочен кон Газа.
Турција постави неколку услови: извинување, плаќање надомест и укинување на блокадата на Газа од страна на Израел – да бидат исполнети за да се нормализираат односите. Анкара сега смета дека овие услови се на задоволнително ниво.
Турските и израелските компании дискутираат за можноста за поставување гасовод меѓу Турција и Израел за транспорт на природен гас во Европа од Левиатанското поле за гас во Средоземното Море, во близина на брегот на Израел, кое има околу 620 милијарди кубни метри резерви на гас.