Ekipa
21 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудискиот крал Селман бин Абдулазиз ал Сауд, кој беше принуден да признае дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, разреши петмина високи функционери, пишува Anadolu Agency (AA).
Разрешените функционери се најблиските имиња на престолонаследникот, принцот Мухамед бин Селман, со цел да се создаде перцепција дека Бин Селман е невин.
Две од овие лица се познати во јавноста на арапските земји, од кои едниот е еден од најблиските советници на Мухамед бин Селман, потсекретарот на Кралскиот суд, Сауд бин Абдула ел Кахтани.

Сауд бин Абдула ел Кахтани е дипломиран на Правниот факултет во Кралскиот саудиски универзитет, додека магистерските студии ги завршил на Универзитетот за арапски безбедносни науки „Најиф“.
Сауд бин Абдула ел Кахтани (40) вршеше функција на ниво на министер во Кралскиот суд на Саудиска Арабија, додека претходно ги вршеше функциите генерален директор на Центарот за медиуми и истражувања во Кралскиот суд и советник во Канцеларијата на принцот Мухамед бин Селман во периодот на кралот Абдула.
Сауд бин Абдула ел Кахтани е меѓу значајните личности кои ги прифатија новите политики на Саудиска Арабија, создадени особено по доаѓањето на функција на саудискиот принц Бин Салман.
Вториот разрешен висок претставник е заменик-шефот на Разузнавачката служба на Саудиска Арабија, Ахмед Асири, кој истовремено е портпарол на арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, која е формирана со цел поддршка за легитимната Влада на Јемен против Хусите. Асири е позната личност во арапската јавност поради неговите изјави во врска со настаните во Јемен.
Ахмед Асири, кој е роден во 1959 година во саудискиот град Асир, дипломирал на француската Школа за воена експертиза, а потоа магистерските студии ги завршил на Воената школа при Вооружените сили на Саудиска Арабија.
Асири работеше како директор во Канцеларијата на принцот Халид бин Султан, додека во 2014 година стана воен советник на саудискиот министер за одбрана. Тој во 2015 година беше назначен за портпарол на арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, која е формирана со цел поддршка на легитимната Влада на Јемен против Хусите.
Кралот Селман, со декрет кој го објави пред извесно време, нареди да се формира комитет за реструктурирање на Општата разузнавачка служба, чиј претседател ќе биде принцот Бин Селман.
- Други разрешени функционери -
Привлече внимание тоа што и другите три лица кои се разрешени од функцијата, а не се познати во јавноста, се разузнавачки службеници. Тие се: заменик-шефот на Општата разузнавачка служба на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салих ер Румејх, директорот на Дирекцијата за заштита при саудиската Општа разузнавачка служба, Рефад бин Хамид ел Михмади, и заменик-шефот на Разузнавачката служба задолжен за човечки ресурси, Абдула бин Халиф еш Шаји.
- „Го убивме Кашоги, но ние сме невини“ -
Во јавноста и социјалните мрежи на арапските земји се вели дека постои цел да се создаде перцепција дека принцот Бин Селман е невин.
Соопштението дека Кашоги бил убиен како резултат на расправија во Конзулатот, е коментирано како да е порака „Го убивме Кашоги, но ние сме невини“.
Арапската јавност не ги сметаше за кредибилни изјавите околу „расправијата“, а во моментот се поставува прашањето „Каде е трупот?“
Саудиските медиуми објавуваат вести дека правдата во земјата е спроведена.
Истакнати медиуми, меѓу кои и весникот „Указ“, пишуваат дека со разрешувањето на петтемина високи функционери и приведувањето на 18 други лица, почна да се спроведува правдата за случајот „Кашоги“.
Телевизиските канали како „Ал Арабија“ вршат слични емитувања.