Michael Hernandez
06 Јуни 2016•Ажурирај: 06 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Барак Обама во својата рамазанска порака истакна дека САД мора да направи повеќе, како би им помогнала на муслиманите кои поради насилствата и војните ги напуштиле своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
„Голем дел од муслиманите не се во можност, комфорно, во своите домови да го дочекаат рамазан - месецот на постот, ниту ќе можат да ги споделат со своите деца и најмили бајрамските радости. Сите мораме да продолжиме да вложуваме напори за да се намали болката и страдањата на тие семејства“, изјави Обама.
Истакнувајќи дека месецот рамазан ги потсеќа луѓето на нивните поединечни и колективни обврски и одговорности да го штитат достоинството на секој човек, Обама рече дека САД ќе продолжи да им посакува добредојде на имигрантите, вклучувајќи ја и муслиманската популација.
Обама претходно ја имаше повикано американската администрација, до октомври месец да прими 10.000 бегалци, но поради строгите мерки за безбедност, досега се примени само 2.500 лица.
„Не смееме да ги заборавиме милионите луѓе кои поради судирите и прогонот ги напуштија своите домови“, се наведува во рамазанската порака на Обама.
Повикувајќи ја американската јавност да не ги прифаќа антимуслиманските пораки на републиканскиот претендент за претседателски кандидат, Доналд Трамп, Обама истакна дека тој цврсто стои покрај муслиманската заедница во САД и дека нема да дозволи злите гласови да ја поделат јавноста и да ги ограничат верските и други слободи.
Истовремено, рамазанска порака на сите муслимани во светот прати и американскиот државен секретар, Џон Кери.