ЉУБЉАНА (AA) - Рускиот претседател Владимир Путин денес престојува во неслужбена посета на Словенија, во Љубљана, за да го отвори Споменикот на руските жртви од двете големи светски војни и да положи венци пред Руската капела на Вршиќ кај Крањска Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин во Словенија првпат престојувал во 2001 година, кога на Брдо кај Крањ за првпат се сретнал со тогашниот американски претседател Џорџ Буш. Десет години подоцна, тој престојувал во официјална посета на оваа земја во својство на премиер на Руската федерација. Путин ќе ја посети Руската капела на Вршиќ, изградена пред стотина години, во спомен на руските воени заробеници кои загинаа во лавина.
Во близина на капелата се гробовите на тројцата заробеници, а таа со време стана симбол на руско-словенечкото пријателство и на добрите односи на двете земји. Во претходните години, на одбележувањето на годишнината од нејзината изградба кон крајот на јули доаѓаа највисоките претставници на двете земји, меѓу нив и рускиот премиер Дмитриј Медведев.
По посетата на капелата, рускиот претседател ќе отпатува за Љубљана.
На градските гробишта Жале ќе се отвори споменик на паднатите руски војници во Првата и во Втората светска војна.
- Позитивни аспекти на Путиновото доаѓање -
Професорот Антон Беблер смета дека доаѓањето на еден од најважните светски политичари во Словенија само по себе има важност.
„Неговото доаѓање е поврзано со историјата, и тоа со историја што ги поврзува нашите народи.
Тој ќе положи цвеќе при отворањето на Споменикот на руските жртви на територијата на Словенија и Љубљана, и тоа не само воени заробеници, туку и војници на Црвената армија кои ги дале своите животи за време на ослободувањето на еден дел од територијата на Словенија во 1944 година. Тоа е значајно и тоа е хуманитарната нота на посетата“, рече Беблер за АА.
Тој изјави дека тоа ги означува позитивните аспекти, без оглед на тешкотиите и заострувањето на односите меѓу ЕУ и НАТО од една страна, и Русија од друга страна. Амбасадорот на Словенија при НАТО и поранешниот парламентарец Јелко Кацин неодамна изјави дека ова е можност за дијалог на НАТО сојузот и Русија.
Професорот Беблер смета дека во некоја ограничена смисла, тоа е точно, но дека политичките разговори не се предвидени, иако Путин на заедничка вечера ќе се сретне со претседателот на Словенија Борут Пахор на Брдо кај Крањ.
„Тоа се две комеморативни свечености, но некои официјални разговори меѓу владите и двата претседатела не се предвидени. Средбите ќе бидат на Вршиќ, кај Руската капела и ќе има два говора на Путин и Пахор. Ќе бидат таму заедно еден час. Тоа ќе биде на отворен простор и тука нема да има некакви официјални разговори“, рече Беблер.
-Украинците најавија протести во Љубљана -
Тој смета дека Словенија во НАТО зазема ставови што се разликуваат од некои други членки на двете организации и дека Словенија се противи на некоја нова студена војна.
„Словенија се залага за нормализација на односите и за отстранување на причините поради кои дојде до влошување на односите на членките на тие организации и Русија“, изјави професорот Беблер за АА и додаде дека словенските претставници во двете организации делуваат конструктивно и дека посетата на Путин претставува настојување работите во Европа да се смират и да се најде мирно решение, меѓу другото и за проблемот во врска со Украина.
Токму граѓаните на оваа земја кои живеат во Словенија најавија протести поради Путиновото доаѓање, најверојатно пред амбасадата на Русија во главниот словенечки град. „Немаме точни податоци, но ги има, оние што подолго престојуваат во Словенија, околу 2.000, и тоа се во најголем дел економски мигранти“, рече Беблер.
- Сообраќаен инфаркт -
Путиновото доаѓање ќе биде проследено со многу силни безбедносни мерки, какви што секогаш го следат Путин, еден од најмногу штитените државници во светот. Словенечкиот премиер Миро Церар поради посетата на рускиот претседател ќе свика седница на Советот за национална безбедност.
Словенечките државници посветија дополнително внимание поради честите терористички напади во Европа. Владата на Словенија укажа на дополнителните мерки на внимателност на седницата минатата недела, но без детали околу тоа колку таквите мерки ќе влијаат на редовниот живот на граѓаните и на посетителите на Словенија. Во безбедноста ќе учествуваат и припадниците на вооружените сили на Словенија, а доколку се укаже потреба, ќе биде ангажирана и воздушната одбрана.
Тоа би значело дека Путин ќе го штитат италијанските и унгарските авиони од составот на НАТО задолжени за безбедност на воздушниот простор на Словенија.
На церемонијата на Вршиќ ќе присуствуваат 2.500 граѓани кои за доаѓањето претходно мораа да се акредитираат. Тие пред влезот на Руската капела ќе бидат детално прегледани на пунктот во Крањска Гора, а контролите ќе бидат слични како аеродромските.
Полицијата веќе ги предупреди граѓаните да не носат остри и опасни предмети, ниту чадори или бастуни за одење.
Деловите на патот преку кој се движи Путин ќе бидат потполно или делумно блокирани, што ќе предизвика метеж во текот на најфреквентниот викенд во екот на туристичката сезона.
Путин во Словенија доаѓа со посебно приспособен авион Илјушин II-96, кој е наречен „летечка тврдина“ поради најсовремените безбедносни системи што ги користи. На авионот не му недостасува ниту луксуз, тој поседува голема спална соба, сала за вежбање, трпезарија и позлатена бања.
За следење на церемонијата акредитирани се 260 новинари, од нив повеќемина доаѓаат надвор од Словенија.