Servet Günerigök
19 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Стејт департмент одобри продажба на противвоздушниот и противракетен систем „Патриот“ на Турција со вредност од 3,5 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка при Пентагон, Стејт департментот одобрил продажба на 80 проектили „Патриот МИМ-104Е“ (GEM-T), 60 проектили „PAC-3“ (MSE) и придружна опрема.
Пакетот чија продажба е одобрена вклучува радарски системи „4AN/MQP-65“, четири контролни системи, десет антенски сетови, 20 лансирни рампи „M903“, пет електроцентрали, комуникациска опрема, опрема за тестирање, програмски и оперативни системи.
Во соопштението се наведува дека со одобрената продажба значително ќе се зголеми капацитетот и флексибилноста на турскиот противвоздушен систем.
„Безбедна Турција и способна да спречи воздушни и ракетни напади ќе обезбеди мир и стабилност на НАТО и Европа“, се вели во соопштението.
„Предложената продажба ќе ги зголеми одбранбените способности на турската Војска за заштита од непријателски напад и за заштита на сојузниците на НАТО кои може да имаат обука и да работат во рамките на турските граници. Турција не треба да има потешкотии да го инкорпорира овој систем во своите вооружени сили“, се вели од Агенцијата.
Американското одобрување на продажбата на одбранбениот систем „Патриот“ уследи откако Турција со Русија минатата година потпиша договор за купување на рускиот противракетен систем „S-400“. Инсталирањето на овој систем во Турција се очекува за октомври следната година, додека официјален Вашингтон негодуваше поради тоа, тврдејќи дека рускиот систем не е компатибилен со оружјето што го користат сојузниците на НАТО.
Ракетите „Патриот“ се користат за одбранбени цели, главно за соборување на дојдовните проектили и авиони.