Ekip
06 Јануари 2018•Ажурирај: 06 Јануари 2018
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница, која беше свикана од САД, за да се разговара за протестите кои во последните неколку дена се случуваат во Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ники Хејли, американската амбасадорка во ОН, ги пофали антивладините демонстранти, како храбри луѓе кои бараат слобода и на кои им треба поддршка од остатокот од светот. Таа рече дека тоа е прашање на човековите права во Иран, но исто така и на меѓународниот мир и безбедност.
Сергеи Рибков, заменик министерот за надворешни работи на Русија во петокот ја оцени седницата на Советот за безбедност како обид на САД да го наруши иранскиот суверенитет.
Иран го обвини Вашингтон дека поттикнува антивладини протести.
Илјадници луѓе на 28 декември излегоа на улиците во иранските североисточни градови Машхад и Kaшмар во знак на протест против, како што велат, зголемувањето на инфлацијата, невработеноста и лошите резултати на владата.
Сепак, во наредните денови протестите се претворија во антивладини протести кои се проширија во областите на Техеран, Керманшах, Санандај, Занјај, Aхваз и Aрак. Во немирите загинаа најмалку 20 луѓе, меѓу кои еден полицаец, додека повеќе од илјада беа уапсени.