Admir Fazlagic
29 Јуни 2016•Ажурирај: 30 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) на денешната прес-конференција зборуваше за својат досегашна работа, улогата во медиумите, како и важноста на саморегулацијата во медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Драган Антоновски, кој е дел од СЕММ, рече дека самореулација денеска нема големи дефиниции во време кога се се дефинира, но има една главна поента во новинарската работа а тоа е „вистина или лага, пропаганда или дезинформирање или информирање". Антоновски посочи дека Советот за етика чија суштина е саморегулација втора година е дел од медиумската заедница, и како што рече, е реалност, која е на располагање на се она што значи јавност.
„Потребна е промоција за да се направи разлика помеѓу регулирање и саморегулирање. Верувајте, тоа го мешаат и новинарите, и граѓаните и политичарите", истакна Антоновски.
Говорејќи околу перцепцијата на регулацијата и саморегулацијата Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите во Македонија рече дека генералниот заклучок во однос на значењето на саморегулацијата е дека таа почна да се препознава, а до тој впечаток дошле преку серија на консултации, разговори и лични средби со претставници на граѓанскиот сектор, новинарите и експертската заедница, но и како резултат на анализата за поднесените жалби во медиумите.
„Сепак, иако се препознава, концептот на саморегулацијата во медиумите, сметаме дека сеуште е потребно да се работи на информирање за значењето и ефектите на саморегулацијата во заштитата на слободата на медиумите и правото на јавноста да биде етички и професионално информирана", истакна Тунева. Таа додаде дека СЕММ доби поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамки на проектот „Градење доверба на медиумите во Југоисточна Европа".
Свое излагање на денешната прес-конференција имаше и Сефер Тахири од СЕММ, кој истакна дека Комисијата е органот кој што ги разгледува жалбите на граѓаните и разните општествени субјекти околу прекршувањето на Кодексот на новинарите.
Тахири истакна дека бројот на пристигнати жалби и интересот на граѓаните и другите организации и институции дава надеж дека саморегулацијата како концепт, како процес е многу битен во медиумскиот систем за негова демократизација за создавање слободни но и одговорни медиуми, како и дека, саморегулацијата може да влијае позитивно врз подобрување на медумските содржини кои моментално, како што рече, се во криза од аспект на професионализмот и етиката.
„Досега во СЕММ од почетокот на неговото конституирање се примени 121 жалба од кои за 98 се донесени одлуки за другите, советот или се прогласил за ненадлежен или се решени по пат на медијација, односно посредување помеѓу Советот за етика и самите медиуми секако во корист на заинтересираните страни. Најчести страни кои се жалат околу работата на медиумите се граѓаните, граѓанските организации, самите новинари и секако политичарите", рече Тахири, информирајќи околу бројот на пристигнатите жалби до СЕММ.
Како што наведе тој, најчести основи за поднесување жалби биле за неточно и нефер известување, особено недостаток на втората страна.
„Многу често сме донеле одлуки поради фактот што голем број на медиуми ги мешаат свесно со одредени цели, веста и коментарот, односно фактите и мислењата, односно ставовите", истакна Тахири, наведувајќи дека во медиумските содржини е присутен говорот на омраза, врз чија основа Комисијата донела 32 одлуки.
„Најчесто станува збор за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и политичката определба", наведе Тахири.
Од СЕММ информираа дека Повелбата за етичко известување на 12 февруари ја потпишаа 92 медиуми.