Bekim Laci
27 Мај 2016•Ажурирај: 28 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Медиумите во Македонија не успеаа да информираат коректно за бегалската криза но имаше и случаи кога самите медиуми ги стигматизираа бегалците, само заради нивната религија и боја на кожата. Ова беше една од констатациите на денешната дебатата на тема: Медиумите и бегалската криза: Кој и зошто ги заборава заборавените во Република Македонија", јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот Мухамед Зекири аргументирајќи ја потребата за денешната дебата рече дека истата претставува еден осврт за работата на медиумите во врска со бегалската криза, критикувајќи одредени медиуми, при тоа наведувајќи дека нивното известување било најчесто за безбедносните мерки преземени од страна на државата и само поврршно за реалните проблеми на бегалците.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет- Скопје, во нејзиното обраќање меѓу другото рече дека медиумите не успеаа да информираат коректно за бегалската криза бидејќи нивното информирање беше или сензационалистичко или стигматизирачки кон бегалците во Гевгелија и Куманово.
„Кога влегов во еден ресторан во Гевгелија со едно сириско дете бегалец, сопственикот на ресторанот ни нареди да излеземе надвор бидејќи бегалците не беа добродојдени во неговиот ресторан. Иако медиумите пишуваа за настанот, ниту еден медиум не известуваше за ксенофобијата", рече Пировска додавајќи дека ксенофобијата и дискриминацијата на бегалците е поради нивната религија и фактот дека не се припадници на белата раса.
„Целата ксенофобија и дискриминација што се вршеше над бегалците се поради фактот што зборуваме за друга религија, бидејќи тие луѓе не се бели, тие се црни, сведоци сте дека постојано во јавноста беа исфрлани натписи за тоа што прават бегалците кои што дошле во Германија како силуваат, како е ова една организирана преселба со цел да се окупира Европа, да се окупира христијанството", рече Пировска. Според неа, луѓето кои што имаа должност да ги третираат бегалците во камповите се подложни на тоа бидејќи, како што напомена, многу од бегалците се жалеа на нехуман третман од страна на полицијата.
Новинарката Светлана Антиќ-Јовчевска главниот проблем го гледа во неинформираноста бидејќи како што напомена главните медиуми немаат дописници во Куманово кои редовно би информирале за случувањата со бегалците.
„Не може некој колега од Скопје да доаѓа секој ден и да ги следи состојбите со бегалците, и секој ден да поднесува барање до МВР за да му се даде дозвола да снима, да работи и да ја следи состојбата", рече Антиќ-Јовчевска, која главниот проблем го адресираше на надлежните институции бидејќи дозволија бегалците слободно да се шетаат по населените места, бидејќи граѓаните воопшто реагираат кога ќе видат нови или непознати лица кои се движат во нивното опкружување.
Денешната дебата беше организирана од Фондацијата Отворено општество Македонија и претставуваше осврт на тоа дали медиумите во Македонија пропуштија шанса да информираат коректно за бегалската криза.