Besar Ademi
27 Јануари 2016•Ажурирај: 28 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во ЕУ Инфо центарот во Скопје е претставен проектот "Стратегија за развој на полицијата 2016-2020" . Се работи за документ подготвен во рамките на проектот "Понатамошна институционална надградба и јакнење на капацитетите на полицијата", јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот е финансиран од Европската унија (ЕУ), обезбедува стратешка поддршка на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Бирото за јавна безбедност, додека една од најзначајните активности на проектот е анализа на тековните практики во областа на внатрешните работи и подготовка на стратегијата за развој на полицијата, која треба да се спроведува од страна на Бирото за јавна безбедност во следните пет години.
Шефот на Одделот за политички прашања на делегацијата на ЕУ, Лукаш Холуб рече дека уште од 2002 година со разни прокети ЕУ се занимава со поддршка на развојот на реформите во полицијата.
Нагласувајќи дека спроведувањето на редовно и континуирано следење на резултатите од проектот се клучни елементи во процесот, Холуб додаде дека овие практики и помогнаа на македонската полиција успешно да се соочи со приливот на бегалци.
"Ова е еден од најкомплексните проекти кои се спроведуваат во оваа област, со мисија значително да придонесе за градење на капацитетите за да се постигне одржливост на реформата која е корисно за македонската полиција", изјави министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски .
Овој стратешки документ е изготвен во рамките на широкиот консултативен процес и во соработка со претставниците на надлежните организациони единици на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, судството, академската заедница, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните.