Sibel Uğurlu
26 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
РИЈАД (АА) - Со нов декрет на саудискиот крал, многу високи функционери на Саудиска Арабија, вклучувајќи го и командантот на копнените сили, беа отстранети од функцијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Со одлуката, од функција се отстранети неколку заменици-министри, меѓу кои и заменик-министерот за внатрешни работи и заменик министерот за надворешни работи.
Саудиската новинска агенција (SPA) наведе дека со оваа одлука пензионирани се началникот на Генералштабот на Вооружените сили и командантот на воздухопловните сили.
Меѓу функционерите кои се отстранети од должност се наоѓа и гувернерот на саудиската покраина Џавф.
Со уредба на саудискиот крал, на испразнетите позиции именувани се нови функционери.
Саудискиот крал, Селман бин Абдулазиз Ал Сауд, во рамките на Стратегијата за национална одбрана потпиша одлука за унапредување на програмата на Министерството за одбрана.
Да потсетиме, во ноември минатата година, по налог на саудиското обвинителство замрзнати се сметките на лицата кои се приведени под обвинение за корупција.
Монетарната агенција на Саудиска Арабија (САМА) ги замрзна приватните банкарски сметки, со исклучок на сметките на компаниите во кои приведените поседуваа акции.
Саудиската полиција во антикорупциска операција неколку дена претходно уапси 11 принцови, четворица актуелни министри и повеќе поранешни членови на владата во операцијата за борба против корупцијата.
Само неколку часа пред почетокот на бранот апсења, со декрет на кралот Селман формиран е Комитет за борба против корупцијата на чие чело е првиот престолонаследник Мухамед бин Селман.
Комитетот има ингеренции да води истраги, да апси, да издава мерки на забрана и да блокира имот на осомничените за корупција.