Yusuf Hatip,Tuğrul Çam
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО се состанаа во рамки на дводневниот состанок во Брисел на кој ќе се разговара претежно за кризата меѓу Украина и Русија, како и за Договорот за нуклеарни сили од среден дострел (ИНФ), јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во овие рамки ќе реализира билатерални средби со неговите колеги.
Сојузниците на првата сесија ќе разговараат за кризата меѓу Украина и Русија. На оваа сесија ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на Украина и Грузија, Павел Климкин и Давит Залкалиани.
- Апел до Русија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето обраќање на отварањето на сесијата, истакна дека сојузниците не ја поддржуваат и нема да ја поддржат анексијата на Крим од страна на Русија.
Столтенберг го повтори својот апел до Русија во врска со кризата на Азовското Море.
„Упатуваме апел до Русија да ја почитува слободата за навигација, и во најкратко време да ги ослободи украинските морнари и бродови“, додаде Столтенберг.
Столтенберг истакна дека НАТО целосно ја поддржува сувереноста и територијалниот интегритет на Украина и Грузија.
Другите точки на дневниот ред на дводневниот состанок се безбедносните закани на Средниот Исток и во Северна Африка, теми околу Западен Балкан, како и за мисијата на НАТО за обучување на локалните сили во Ирак.
Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе заврши утре.