Ekipa
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес го прими генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој престојува во официјална посета на Р. Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата, како што соопштија од кабинетот на претседателот, се разговарало за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.
„Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамките на меѓународните мировни мисии“, се вели во соопштението.
Македонскиот претседател на состанокот со Столтенберг истакнал дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, и ја нагласил неопходноста од добивање на заслуженото членство во Алијансата, со што, како што потенцирал, ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.
„Република Македонија со своите мировници, континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството“, истакнал претседателот Иванов.
Тој нагласил дека Република Македонија ќе продолжи со активниот придонес кон глобалниот мир и безбедност, преку учеството и поддршката во мисиите на НАТО.
„Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата“, се вели во соопштението на кабинетот на претседателот Иванов.
На средбата биле разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.
- Димитров се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг -
Претходно, генералниот секретар Столтенберг оствари средба и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а планирани се средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, како и со лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски.