Şerife Çetin
09 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека бројот на војници сојузници и партнери во Авганистан ќе биде зголемен од 13.000 на 16.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во седиштето на Сојузот зборуваше по заседавањето на Советот на Североатлантскиот сојуз, одржан на ниво на министри за одбрана, со присуство на партнерите од мисијата на НАТО, „Одлучна поддршка“.
„Иако ситуацијата во Авганистан и понатаму е тешка, авганистанските сили бележат напредок“, изјави Столтенберг.
Тој порача дека НАТО е одлучен да продолжи со поддршката на авганистанските безбедносни сили.
Тој изјави дека на состанокот било разговарано за бројот на трупите на НАТО во Авганистан, финансиската поддршка на авганистанските сили, реформите и за контактот со Пакистан.
„Бројот на трупите од 'Одлучна поддршка' во Авганистан ќе биде зголемен од 13.000 на 16.000“, изјави Столтенберг.
Тој додаде дека 50 отсто од поддршката на оваа мисија дава САД, а 27 сојузници на НАТО ветиле дека ќе го зголемат бројот на своите трупи во Авганистан.
„НАТО сојузниците со борбата против терористите во Авганистан ги прават побезбедни и своите земји“, смета Столтенберг, кој додаде дека НАТО сојузниците и партнерите и по 16 години ќе присуствуваат во Авганистан и ќе даваат цврста поддршка.
Тој истакна дека ќе продолжи материјалната помош за авганистанските безбедносни сили, и оти е предвидено финансиите да траат барем до 2020 година.
Столтенберг изјави дека воспоставувањето мир и стабилност во Авганистан ќе придонесат за воспоставување мир во целиот регион.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека на заседанието присуствувале и министрите за одбрана на Катар и на ОАЕ и оти земјите одлучиле да дадат придонес за мисијата „Одлучна поддршка“.