Hakan Çopur
12 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот весник „Вашингтон пост“, објави дека турските официјални претставници ги информирале официјалните претставници на САД, дека поседуваат аудио и видеоснимки, кои укажуваат на тоа дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во „Вашингтон пост“ е објавена статија под наслов „Турците ги известија американските официјални претставници дека имаат аудио и видеоснимки кои укажуваат на тоа дека Кашоги е убиен“. Американскиот весник, чиј новинар и колумнист е Кашоги, во оваа статија се повикува на одредени турски и американски официјални претставници, кои не сакаа да го откријат идентитетот.
Во текстот се наведени изјави на споменатите официјални претставници во кои е нагласено дека на снимките може да се види оти на 2 октомври, саудискиот безбедносен тим влегол во Конзулатот во Истанбул, каде што го привеле Кашоги, кој дошол да земе документи. „Потоа го убиле и распарчиле.“
Според изјавите на истите официјални претставници, аудиоснимките, исто така, уверливо ги потврдуваат наводите дека саудискиот тим е одговорен за смртта на Кашоги.
„Можете да го слушнете гласот на Кашоги и гласовите на другите луѓе кои зборуваат арапски јазик. Можете да слушнете како е испрашуван, потоа изложен на мачење и убиен“, се наведува во изјавите објавени во текстот.
Не е наведено дали американските официјални претставници ги слушнале или виделе снимките за кои станува збор, но нагласено е дека турските официјални претставници ги информирале САД за содржината на тие снимки.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Вчера портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, изјави дека на предлог на Саудиска Арабија е одлучено да се формира заедничка работна група заради расветлување на случајот Кашоги.