Nilay Kar
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
ИЗМИР (АА) - Турски истражувач од Универзитетот „Докуз Ејлул“ во Измир дизајнираше пренослива машина за пумпање крв, која може да ги спаси животите на лицата кои страдаат од напредната срцева или пулмонална инсуфициенција, јавува Anadolu Agency (AA).
Уредот е дизајниран од страна на професорот и кардиолог со 28 годишно искуство, Ердем Силистрели, кој заедно со својот тим од девет лица пет години напорно работеше на проектот за уредот.
Уредот кој е долг околу 20 сантиметри, може да ги отстрани големите крвни згрутчувања од телото и да ја врати оксигенираната крв кај пациентите.
Здравствените специјалисти можат да го користат насекаде бидејќи е пренослив, различен од постоечките, кои се тешки и не се мобилни.
Пациентите со сериозна здравствена состојба нема да имаат потреба да чекаат во болниците за да добијат третман со уредот, кој го намалува ризикот од нивната болест.
„Ова е првпат да се дизајнира ваков вид практичен и пренослив уред во Турција“, изјави Силистрели за АА.
Обично пациентите кои се во критична состојба и им е потребно итно интервенирање, чекаат да бидат транспортирани во болница, што претставува додатна закана по нивниот живот.
Според податоците на Универитетот „Докуз Ејлул“, на годишно ниво, околу 3.000 лица со напредна срцева или пулмонална инсуфициенција во Турција имаат потреба од таквиот уред за пумпање крв.
Потребите на многу од нив не се исполнуваат веднаш, бидејќи машините се скапи и недостапни. Но, новиот уред наскоро ќе може да доведе до промена на овие факти.
- Производство во рок од 1 година -
„Ова е уред кој спасува животи бидејќи овозможува итно пружање помош на лица давеници во река или лица кои добиваат срцев напад на улица, како и за пациенти во критична состојба додека се транспортираат до болница со амбулантно возило или со хеликопер“, изјави Силистрели.
Преносливиот уред, исто така, може да се користи како систем за спасување живот во болниците.
„Нашата цел е да го направиме уредот лесен за употреба“, нагласи Силистрели.
Ердал Челик, ректор на Универзитетот „Докуз Ејлул“, го пофали проектот, истакнувајќи дека користењето на овој уред е многу попрактично, за кој се очекува да чини помалку од веќе постоечките.
Прелиминарниот протокол во врска со уредот е потпишан од страна на Универзитетот „Докуз Ејлул“ и водечката медицинска компанија „Alvimedica“ (Алвимедика) со седиште во Истанбул.
„Планираме да го реализираме проектот во рок од една година“, изјави за АА Лејла Алатон, претседател на компанијата „Alvimedica“.
Алатон истакна дека компанијата планира да врши и извоз на ваквиот уред за пумпање крв.
„Тоа е уред со додадена вредност, кој ќе го олесни пристапот на пружање здравствена нега, не само во Турција туку и во светот. Со овој уред ќе придонесеме за продолжување на животниот век“, изјави Исмаил Туна, генерален менаџер на „Alvimedica“.
Сè уште не се знае која ќе биде цената на уредот по неговото влегување во сериско производство, но сепак, официјалните лица изјавија дека цената на уредот се очекува да биде 50 отсто пониска од веќе постоечките.