Ekipa
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - „Турција и Германија се одлучни во унапредувањето на билатералните односи“, истакнаа денес министрите на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, и германскиот министер за економија и енергетика, Петер Алтмаер, одржаа заедничка прес-конференција во Анкара, во пресрет на состанокот на Комисијата за економија и трговија на Турција и Германија.
„Германија е најголемиот трговски партнер на Турција. Се надевам дека оваа силна економска соработка ќе донесе и политичка соработка“, рече Албајрак.
„Двете земји се спремни во политичка смисла да воспостават многу посилна комуникација“, додаде Албајрак.
Истакнувајќи дека германскиот министер ќе одржи средби со турски претставници, меѓу кои и со министерката за трговија и претседателот на турското Собрание, Албајрак рече: „Сметам дека тие разговори позитивно ќе придонесат за нашиот обем на трговска размена и ќе помогнат во проширување на соработката“.
Нагласи дека апелираат за зголемување на инвестициите од страна на германските компании во Турција и инвестирање на турско-германските фирми во другите земји.
- Формирање заедничка Комисија за трговија -
„Ние сме одлучни да ги одржуваме нашите трговски односи со Турција и во тешки времиња, и тоа и ќе го сториме“, рече од своја страна германскиот министер Петер Алтмаер.
„Двете страни се согласија за формирање заедничка Комисија за трговија, со фокус на поддршката на малите и средните претпријатија“, додаде германскиот министер.
Алтмаер истакна дека обновливите извори на енергија, туризмот и новите технологии ќе бидат теми за кои ќе се дискутира во текот на состанокот на Комисијата за економија и трговија на Турција и Германија.
„Во нашата земја има многу луѓе што имаат поврзаност со Турција, затоа сакаме да извлечеме корист од тоа во иднина“, истакна тој.
Алтмаер рече дека разговарале и за мерките за поттикнување на компаниите да ги зголемат своите инвестиции.