Ekipa
05 Март 2017•Ажурирај: 05 Март 2017
ДЕНИЗЛИ (АА) - Турскиот министер за економија, Нихат Зејбекчи отпатува денес во посета на Германија, и притоа истакна дека за Турција е неприфатлива одлуката на германските власти за неодобрување на програмските активности поврзани со референдумот за уставни измени што ќе се одржи во Турција на 16 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако двапати е откажан настанот на кој требаше да присуствува турскиот министер Зејбекчи во германскиот град Келн, тој денес отпатува во таа земја за да присуствува на собирот организиран на друго место.
Непосредно пред полетувањето од аеродромот во Денизли, Зејбекчи за новинарите изјави дека во Германија ќе присуствува на програма по повод одбележувањето на годишнината од смртта на музичарот Озај Гонлим, во организација на ТРТ и на Здружението Денизлим, а потоа ќе присуствува и на собирот на турски државјани кои живеат во Германија, кој го организира Центарот на Партијата за правда и развој (АК партија) за координирање на изборните активности на дијаспората.
Потсетувајќи дека германските власти неодамна го забранија одржувањето на собирот на којшто требаше да присуствува турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, турскиот министер за економија Зејбекчи истакна дека настанот на којшто ќе присуствува тој двапати е одложен и дека ќе се одржи на трето место.
„Од почетокот говорев дека не е битно она што тие го прават, туку важно е ние да патуваме и да се среќаваме со нашите граѓани. Минуваме низ најважниот период на турската демократија и ќе направиме сè на нашите сонародници да им ја објасниме важноста на процесот за одобрување на уставните реформи кои ќе ги изменат проблемите во нашиот политички систем, кои се причина за сите политички и економски тешкотии на нашата земја“, рече Зејбекчи.
Нагласувајќи дека турските институции ќе ги признаат и ќе се раководат исклучиво од одлуките на народот на референдумот, Зејбекчи рече дека во Германија живеат над три милиони Турци и дека властите не треба да заборават на тие луѓе, бидејќи дел од нив се гласачко тело на Германија, а дел и на Турција.
Турскиот министер исто така истакна дека за време на неговиот престој во Германија не очекува никакви проблеми и дека со нетрпение ја очекува најавената програма и средбата со сонародниците.
„Во овој контекст неприфатливо е Германија да не дозволува на здружение да организира собир и кое сака да биде домаќин на некој турски официјален претставник. Откажувањето на таквите настани е неприфатливо“, рече Зејбекчи, додавајќи дека има сè повеќе Германци кои се доселуваат во Турција и дека обврска на Турција е да ѝ овозможи на Германија да одржува врски со тие луѓе.