Selma Kasap
24 Јуни 2018•Ажурирај: 24 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Турција соопшти дека предвремените претседателски и парламентарни избори во земјата се одржуваат без проблеми и со максимални безбедносни мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството е потврдено дека гласачките места низ Турција се отворени утрово во 08:00 часот по локално време и дека досега не се забележани поголеми инциденти.
За безбедноста на изборниот процес се грижат вкупно 531.007 припадници на турските сили за безбедност.
„За време на изборите ангажирани се 264.526 полицајци, 195.695 припадници на жандармеријата, 50.793 лица како персонал за обезбедување и 19.993 волонтери за обезбедување“, се наведува во соопштението.
Во Турција денес се одржуваат предвремени претседателски и парламентарни избори на кои гласачите бираат претседател на државата и нов состав на Големото народно собрание на Република Турција.
Вкупно 180.065 гласачки места во цела Турција се отворени во 08:00, а затворањето е најавено за 17:00 часот по локално време.
Право на глас имаат речиси 60 милиони гласачи, а прелиминарните резултати од изборите се очекуваат веќе вечерва.