Cemal Aşan
10 Август 2018•Ажурирај: 12 Август 2018
ВАН (АА) - Џемал Асан
Музеј на островот Акдамар, во турската провинција Ван, пред три години е вклучен на привремената листа на УНЕСКО, а секоја година го посетуваат голем број домашни и странски туристи.
Црквата, со наредба на кралот Гагик I е изградена меѓу 915 и 921 година во местото Геваш. Според некои преданија, црквата е изградена за да се чува во неа дел од „Светиот крст“, кој наводно од Ерусалим, преку Иран, во седмиот век е донесен во Ван.
Реставрацијата на црквата, која започна во 2005 година, чинеше околу 638.000 евра. Реставрацијата ја спроведе Министерството за култура и туризам на Турција.
Реставрацијата на црквата траеше две години, а во неа учествуваа голем број експерти, меѓу кои и архитект со потекло од Ерменија.
Во отворањето на музејот (црквата) на Акдамар учествуваа бројни официјални лица од Турција и Ерменија, а започната е и реставрација на манастирот, капелата и други делови, откриени при археолошките ископувања.
Музејот, во кој еднаш во годината на верниците им е дозволена богослужба, чека за влез на постојаната листа на светско наследство на УНЕСКО.
До Музејот на островот Акдамар, кој од Ван е оддалечен 55 километри, можно е да се дојде со чамци.
Посетителите на патот до Музејот, кој трае околу половина час, имаат можност да уживаат во убавините на езерото Ван.
Туристите ја користат можноста и за бањање во езерото, а навечер уживаат во прекрасното заоѓање на сонцето.
На прашањето како островот го добил своето име, водичите зборуваат за љубовната легенда, според која едно момче се заљубило во девојката Тамара, ќерка на ерменски архимандрит, која живеела на островот. Момчето ја посетувало пливајќи и следејќи го светлото на островот. Тоа еднаш го забележал нејзиниот татко и една ноќ кога имало бура, слегол до брегот и запалил оган. Момчето почнало да плива, а таткото постојано го менувал местото. Момчето на крајот ја загубило силата и додека тонело извикнало: „Ах Тамара!“. Од тогаш островот го носи името Ах Тамара, односно Акдамар.
Директорот на Одделот за култура и туризам на Ван, Музафер Актуг, изјави дека од туристички аспект, Музејот е еден од најважните историски вредности.
Тој потсети дека процесот за вклучување во листата на УНЕСКО е започнат во 2015 година.
„Островот кој исполнува одредени услови, во 2015 година е вклучен на привремената листа. Акдамар е културно наследство кое заслужува влез во постојаната листа“, смета Актуг.
Тој додаде дека посетителите се маѓепсани од убавините на островот.
„За седумте месеци од оваа година, островот го посетија 83.000 туристи. Сите што доаѓаат од подрачјето на Ван, задолжително го посетуваат Акдамар. Знаеме дека бројот на посети е поголем во однос на минатата година“, рече Актуг.