Şerife Çetin
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Врховната изборна комисија на Турција (YSK) соопшти дека е остварена рекордна излезност на гласачите во странство на претседателските и парламентарни избори кои во Турција ќе бидат одржани престојниот викенд, јавува Anadolu Agency (AA).
Предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни, а турските гласачи со престој во странство од 7 јуни гласаа на гласачките места во дипломатските претставништва на оваа земја.
Врховната изборна комисија соопшти дека синоќа било завршено гласањето во 51 земја и дека е регистриран одзив на гласачите од 48,78 отсто. Тоа е рекорден одзив на турските гласачи во странство на досегашните избори во Турција.
Гласаа 1.486.408 од вкупно регистрирани нешто повеќе од три милиони турски гласачи во странство.
Турските гласачи од дијаспората можат да гласаат сè до 24 јуни до 17 часот на гласачките места кои од 7 јуни се отворени на турските гранични премини.
На претседателските избори се натпреваруваат вкупно шест претседателски кандидати, а за влез во Парламентот се борат вкупно осум политички партии.
Овој изборен процес во Турција е важен бидејќи оваа земја по изборите ќе премине од парламентарен во претседателски систем на управување.
Актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на функцијата беше избран на изборите во 2014 година и е прв директно избран претседател на Турција.
На престојните избори е еден од шесте претседателски кандидати и во случај на победа ќе стане и првиот претседател на Турција со широки овластувања кои ќе му ги дава новиот систем на управување.