Bayram Altuğ
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
ЖЕНЕВА (AA) - Гласноговорникот на Комесаријатот на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Аслам Кан, соопшти дека од почетокот на новиот бран на насилство од 25 август до сега од Мјанмар во соседен Бангладеш пребегале најмалку 501 илјади аракански муслимани, јавува Anadolu Ageny (AA).
Кан во изјава за АА рече дека загрозените аракански муслимани и понатаму бегаат кон камповите во близина на бангладешкиот град Кокс Базар.
Комесарот на УНХЦР, Филипо Гранди, по тридневната посета на бегалските кампови во Бангладеш вчера стигна во Женева и во таа прилика изјави дека араканските муслимани се изложени на невидено насилство и дека траумите и последиците на тие луѓе ќе бидат големи.
„Се сретнав со децата кои поради тешки трауми загубија секакво чувство и емпатија. Ми говореа дека гледаа убивање на нивните мајки, татковци и роднини. Тој проблем започна и мора да се заврши во Мјанмар. Мјанмарските функционери се одговорни итно да го запрат насилството во Аракан", порача Гранди.
Араканските муслимани, Рохинџи веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуват со нов бран на насилство во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена сруши најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени да пребегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизниот биланс на загинатите во нападите на муслиманските села. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.