Betül Yürük
09 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
ЊУЈОРК (AA) - Хилари Клинтон, демократската кандидатка на претседателските избори во САД, денеска ѝ се обрати на јавноста прв пат по поразот на изборите од републиканскиот кандидат Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
„Му честитам на Трамп, се надевам дека ќе биде успешен претседател на сите Американци. Ова не е резултат каков што посакувавме и за каков работевме, но чувствувам гордост и благодарност на оваа заедничка прекрасна кампања", рече Клинтон на почетокот на своето обраќање.
Истакна дека е длабоко свесна дека гласачите кои гласаа за неа чувствуваат големо разочарување поради победата на Трамп.
„Знам дека чувствувате разочарување, бидејќи го чувствувам и јас, како и десетици милиони Американци. Ова е болно, но сакам да запомните: нашата кампања не е ниту за едно лице ниту за едни избори, туку за земја каква што сакаме и во која се надеваме. Гледаме дека нашата нација е многу повеќе поделена отколку што мислевме, но јас сеуште верувам во Америка. Трамп ќе биде нашиот претседател, должни сме да бидеме со отворен ум и да му дадеме шанса", рече Клинтон.
Нагласи дека сите Американци мораат да бидат посветени на владеење на законите и принципите на еднаквоста и слободите.
„Нашето уставно право бара наша присутност, не само на секои четири години туку секогаш. Да ја заштитиме нашата економија, земјата и целата планета, да им помогнеме на Американците да ги остварат своите сништа", рече Клинтон.
На самиот крај му се заблагодари на Барак и Мишел Обама, на своите кандидати за потпретседатели, семејството и своите гласачи.
„Ве молам, немојте да престанете да верувате да се борите за она во што верувате. Секој ден сум благодарна што сум Американка. И понатаму верувам, доколку и понатаму делуваме заедно, и покрај нашите разлики, нашите најдобри денови допрва доаѓаат", рече Клинтон.