Husameddin Gina
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Стеф Блок, кој престојува во официјална посета на Македонија, по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров, истакна дека Холандија ќе продолжи да биде долгорочен партнер на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
По тет-а-тет средбата, министрите за надворешни работи на Македонија и Холандија, Стеф Блок и Никола Димитров, оддржаа заедничка прес-конференција.
Шефот на холандската дипломатија, Стеф Блок, нагласи дека Владата на Македонија направила храбри и важни чекори, кои не се лесни на краток рок, но на долг рок, како што вели тој, убеден е дека ќе донесат напредок и добросостојба на Македонија.
„Разбирам дека Договорот од Преспа е чувствителен компромис, но решавањето на ова прашање ги отвора вратите кон подобра иднина за Македонија. Ова зависи од сите политички актери, вклучително и од опозицијата, да го спроведат овој пат до крај“, истакна холандскиот дипломат.
Блок, исто така посочи дека референдумот е дел од демократскиот процес и за него треба да се разговара со про- и контрааргументи.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, истакна дека Македонија и Холандија имаат плодна и долга соработка.
„Оваа година одбележуваме 25 години од дипломатските односи што ги склучивме во декември 1993 година. Со Холандија нѐ врзува традиционално пријателство. Холандија тогаш, кога ни требаше, беше еден од најголемите донатори“, потсети Димитров.
Тој исто така подвлече дека не е целта Македонија само да стане земја членка на ЕУ, туку Македонија да ја направат европска земја.
„Холандија има стриктна и фер политика, во однос на процесот на пристапувањето во Европската Унија. Ние сме навивачи и ја поддржуваме оваа политика, бидејќи нашата цел не е само да станеме членка на ЕУ, туку нашата држава да си ја направиме европска“, истакна шефот на македонската дипломатија.