Stipe Mayiç
14 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Започна конститутивната седница на деветтиот состав на хрватскиот Парламент, каде што денес се очекува да бидат донесени најважните одлуки, ќе се именува претседателот на Парламентот и членовите на парламентарните тела неопходни за функционирање на хрватскиот Парламент, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е веќе вообичаена практика, на конститутивната седница присуствуваат и хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, претставниците на верските заедници и дипломатските претставници акредитирани во Република Хрватска, како и многу други почесни гости.

Конститутивната седница на Парламентот ќе ја води претседателот на претходниот состав, Жељко Рајнер, додека биде именуван нов претседател на Парламентот. Се очекува за претседател на Парламентот, на мандат од две години, да биде именуван челникот на Мост, Божо Петров, а другите две години од мандатскиот состав таа висока должност ќе ја извршува некој од редовите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), според системот познат како 2+2.
Парламентот денес би требало да формира и 30-ина работни тела. Мандатско-имунитетната комисија (МИК) на Парламентот ќе поднесе извештај за спроведените избори и имињата на избраните претставници што Парламентот треба да ги усвои. По усвојувањето на МИК, следува полагањето свечена заклетва на пратениците.
Парламентот своето заседание ќе го продолжи утре, како и во првите денови од следната седмица, кога на дневен ред ќе дојде и гласањето за довербата на новиот состав на Владата под водство на Андреј Пленковиќ.
Со оглед на тоа што мандатарот, Андреј Пленковиќ, веќе има поддршка од 91 претставник, се очекува дека конституирањето на Парламентот и Владата ќе помине без одолговлекување или поголеми проблеми поради недостаток на поддршка од пратениците.
Деветтиот состав на Парламентот, кој вбројува 151 претставник, е избран на парламентарните избори одржани на 11 септември, а конститутивната седница на Парламентот беше свикана од страна на претседателката Колинда Грабар Китаровиќ врз основа на нејзиното овластување.
Минатиот, осми состав на хрватскиот Парламент е распуштен пред три месеци поради политичка нестабилност во владејачката коалиција, по што следуваше самораспуштање на Парламентот.